ЛШ: Вториот дел од Лигата на шампионите започна со две ремија

Првите два натпревари во осминафиналето од Лигата на шампионите завршија без победник, ПСЖ ремизираше со Челзи 1:1, додека Шахтјор и Баерн Минхен одиграа без голови.

Челзи имаше подредена улога на гостувањето во Париз. Домаќинот беше далеку подобар, напаѓаше во текот на целиот меч, но избраниците на Жозе Мурињо единствената шанса ја претворија во гол и останаа непоразени.

Лондонскиот тим прв поведе во 36-тата минута преку дефанзивецот Бранислав Ивановиќ, а ПСЖ израмни во 54-тата минута преку Единсон Кавани.

Голема заслуга што Челзи остана непоразен има голманот Тибо Куртоа кој имаше неколку фантастични интервенции. По израмнувачкиот гол францускиот тим создаде уште неколку одлични шанси, пред се преку Ибрахимовиќ и Кавани, но сепак белгискиот интернационалец имаше своја вечер на голот на „Сините“.

Далеку помалку возбудувања имаше во Лавов каде Шахтјор и Баерн одиграа без голови. Германскиот тим уште од самиот старт тргна офанзивно, но шансите на Робен и Томас Милер останаа нереализирани.

Последните 35 минути од натпреварот германскиот шампион ги одигра со играч помалку откако Чаби Алонсо заработи исклучување, но тоа не успеа да го искористи украинскиот тим.

Лига на шампиони, 1/8 финале

Вторник:

ПСЖ – Челзи 1:1

/Кавани 54’ – Ивановиќ 36’/

Шахтјор – Баерн Минхен 0:0

Среда:

Шалке – Реал Мадрид (20:45 ч)

Базел – Порто (20:45 ч)