„Луфтханза“ обезбеди 300 милиони долари отштета за падот на авионот

Германската авиокомпанија „Луфтханза“ обезбедила 300 милиони долари за вкупните трошоци околу несреќата на авионот на компанијата „Германвингс“, нејзината „фирма- ќерка“.

Во соопштението на „Луфтханза“, што го пренесуваат германските медиуми, се наведува дека преку еден конзорциум за осигурување во оваа сума се вкалкулирани трошоците за финансиска отштета за семејствата на 150-те жртви, уништувањето на авионот „Ербас А320“ и плаќање на трошоците за услугите на психолозите и другите експерти за кризни ситуации.

Со ова соопштение, портпаролот на „Луфтханза“ го потврди пишувањето  на германскиот дневен весник „Ханделсблат“ дека парите ги обезбедил еден конзорциум за осигурување, во кој минхенската осигурителна куќа „Алианц“ ја игра водечката улога.

Осигурителниот конзорциум „Алианц“ денеска не сакаше тоа да го коментара, пренесуваат медиумите.

Во несреќата на „Германвингс“, на 24 март, која, според наодите на истрагата, намерно ја предизвика копилотот Андреас Лубиц, погинаа сите 144 патници и шестмина членови на екипажот.