Колумни

Луѓе без сенка

Луѓе без сенка

Човек без сенка е оној кому не му се гледа сенката од неговата силуета додека оди по пладневно сонце. Човек без сенка е човек без душа, без достоинство, без карактер и толку е безвреден што ставата ни сенка не му фрла на патот. Тој се движи како дух, како некој кој е жив а всушност не постои.

Деновиве ме тишти и кине неправдата што пред моиве очи се случува, неправдата за името и битието македонско што сега повторно е на маса како и пред многу години и се решавало за време на Илинденското востание, Букурешт, Балканските војни, Вторaта Свeтска Војна. Еве сега и после сто години дошло времето и ја да сум сведок на повторното решавање на истото прашање. Што ли ќе беше тоа прашање, сто години нерешено па сега повторно да се преотвара и одново да се решава. Ама си мислам има некоја фалинка можеби што ни промакнала, или што не ја знаеме, или за која сме субјективни, па можеби конечно е дојдено времето за навек да се реши, згора на се и ни отвара нови перспективи, европски и атлантски. Па и нека им биде на грците една географска одредница во името за да се разграничи нашата од нивната Македонија, ионака не сме кадарни да ја имаме цела како што порано била, дури и оваа нашава едвај ја додржуваме. Ама не било баш така едноставно и наивно како што јас си мислев и како што нашиве политичари со години ни предеа прикаски.

Откако деновиве на виделина излегоа предлозите на грците и на загонетниот господин Нимиц спласна мојот ентузијазам и оптимизам дека прашањето со името ќе се реши конечно на фер и задоволителен начин и сваќам дека наместо тоа дошло времето грците да си го заокружат и решат нивното македонско прашање, грците да си ја завршат работата што ја имаат почнато пред сто години. Секоја чест на истрајноста и стратегијата на која и германската фудбалска селекција може да им позавиди, игра до последен здив и гол во последната минута. Зошто ли си мислев дека нивната агенда е сега поразлична од времињата кога колеле и беселе по егејскиот дел на Македонија, кога со напалм бомби ги гореле македонските села и кога протерале илјадници Македоци и деца за никогаш повеќе на родната грутка да не стапнат. Зошто наивно си мислев дека грците ја смениле својата политика и стратегија од времето кога ги преименувале сите македонски називи и топоними на грчки јазик и кога по затвори ги носеле слободоумните Македонци, а децата со сила во градинки грчки ги носеле за да не го слушаат и говорат македонскиот јазик кој го зборувале нивните баби. И сега одеднаш истите тие грци станале наши најголеми сојузници и ќе ни помогнеле да влеземе во рајските двори на големите сојузи и европски фамилии и ќе нашле фер и разумен компромис за да не биле повредени чувствата на двата народи, со една географска одредница во името, колку да се разликувало од нивната Македонија.

И дојде освестувањето кога слушнав што се предлагаат Грците и што се нив ги болело, ни М од Македонија да нема, ни фиромска, ни вардарска, ни северна, името да ни се сотре како и да не постоело и дури ни една песна македонска да не смееме да испееме. Па, зарем е можно такво понижување и погром да доживееме во денешно време на светскава демократија и човековиве права. Па како ќе ја пееме „Македонско девојче китка шарена“ или „Ој вардаре македонски„ или „Мајка Македонија“, а за химната и да не зборувам. Го слушам пред некоја недела Фрчковски како ни кажува дека имало во спогодбата која Грците ја припремиле и поглавје „за кое не се преговара“, ама сепак морало да се почитува, а во истото поглавје бил регулиран македонскиот иредентизам, заштита на грчките национални чувства и други небулози од кои утробата ти се врти и три дена не можеш да ја собереш. Ама со тоа некако ќе сме живееле, важно било само членот на уставот што тој го пишувал да не се менува. Па него како да му е важна само личната суета па недај боже неговото велелепно писание да се смени, небаре „Т’га за Југ“ или „Белите мугри“ да ги напишал.

И станав свесен дека стиховите „пискотници се слушаат од Галичник до Река“ како за мое време да се пишувани и дека токму сега Македонија ги лие своите солзи и пискотот нејзин од мака и неправда само што не одекнал како кога одекнувал пред сто години по Кузман Капидан.

Ама болката, немоќта и бесот не доаѓаат од грчките андарти само, туку на неа како сол на лута рана ставаат нашите политичари и преговарачи кои не оставија во сивило и молк, во депресија невидена да нагаѓаме што тоа нашиот премиер ќе потпише со грците и за какво ли „достоинствено“ решение се изборил.

Значи сега сагата македонска е уште поголема оти пред сто години Македонија не седела на преговарачка маса и судбината и ја решавале големите европски сили, а денес, денес ја имаме таа чест и привилегија сами да преговараме и сами да си ја потпишеме нашата небитница. Ама овој пат нема да имаме поправен испит, овој пат ќе биде засекогаш. И не ќе можеме да се исплакуваме на нашата судбина и на нашата борба за обединета Македонија и неправдите од нејзината поделба и залудни ќе ни бидат сите песни испеани, животи изгубени, судбини човечки уништени. Не ќе има кој да не слуша повеќе бидејки нашето поглавје ќе биде за навек затворено и со црвено пенкало во ООН запишано. Никој нема да ни биде крив и никому нема да можеме да се пожалиме. Сите ќе ни веикаат дека сами си потпишавме, сами се спогодивме и сами ќе треба да си ги голтнеме сите наши песни и стихови изнапишани, уште еднаш да ги презакопаме сите наши дејци и борци за Македонија и се тоа во утробите наши да ни стои за да не можеме никогаш да го извадиме. Никому нема ни око да му трепне за неправдата кон нас направена и никој нема да сака за македонцките работи веќе да слушне, а Крсте Мисирков во гроб ќе се превртува како и многу други што пред и после него за македонските работи се бореле.

Само Грците ќе ликуваат и ќе ја слават својата долго очекувана победа, ќе се ситат на нашата судбина и срцето ќе им се полни од радост и задоволство што после долги години мака да не истребат или во скопјани да не прекрстат успеаа да ја постигнат крајната цел. Ќе ни се ситат што толку години им се правевме важни и им велевме дека сме од Македонија а тие сиктеа од бес ама ги тешеше помислата дека им ги оставаме сите пари спечалени и дека ќе дојде денот на нивната слава и победа. А тоа ќе значи дека ние сме биле лажговци и со туѓи перја сме се кителе и дека Грците биле во право и дека Македонија стварно само нивна била.

Тоа ли е вистината, тоа ли сака мојот премиер да ми порача сега додека ќути и води тајни преговори и ни збор не изустува додека Грците ја палат Атина, се пенават и плачат по грчките телевизии убедувајќи се дека Македонија била само нивна. Па, значи децата бегалци со сила раселени биле виртуелна стварност, виртуелни биле сите со кој на македонски јазик сум зборувал, имињата Воден, Костур и Лерин како јас да сум ги измислил и биле само сон, а не јаве. Па, тие мене ми се обраќале на некој си горнославомакедонски јазик а јас сум мислел дека мајчин јазик тој ми бил. Значи не сум бил свесен дека не постојам и дека цело време сум газел на грчка територија, згора на се и страв во коски на Грците сум им бил и закана по нивната држава и иредентизам невиден сум ширел што пред знамето македонско сум стоел и што македонски патриотски песни сум пеел.

Деновиве го насеќам крајот на нашето постоење и битие и мала ќе ми биде сатисфакцијата што некој после некоја година ќе рече, во право беше кога така мислеше. А, во Македонија молк, сите ќутат вклучувајки ги и големите титани од партии, никој на улица не излегува, никој народот нема да го организира. Па да, кој да организира, па не се работи сега за на власт да се дојде и на удобни фотељи да се седне, сега за други прашања небитни битка се бие, овој народ на улица се вади само кога треба политички фотељи и власт некому да му обезбеди. Па, зарем еден мандат собраниски вреди колку едно бреме македонско, колку една историја вековна, колку тешкото оро изиграно, колку песните народни испеани, зарем еден мандат на денешниве политичари им вреди повеќе од еден Питу Гули, Даме Геуев и Јане Сандански, како Глигор Прличев и браќата Миладиновци, како Ѓорѓија Пулевски, Коста Рацин, Крсте Мисирков и Петре М. Андреевски. Па, зарем сега нам најтешко ли ни е, па зарем нашите предци песните со мед и млеко ги пееле, или во тоа време полесно било да се изговори македонскиот збор и името Македонија. Зарем сега од Грците милост да бараме за во посветла иднина да не однеселе, тие истите што сурово селата македонски ги палеле и македонски глави на колец набивале.

Затоа за молчење сега не е време, а молкот токму од тие во кој верувавме доаѓа, а молкот и тишината најмногу знаат да говорат и затоа ми се кине душава од немоќта и летаргијата која Македонија ја зафатила. Затоа и решив да го напишам ова скромно писание, барем да го кажам својот глас колку и безначаен да е, ама овој пат не за партиски ситни интереси и дневни политики, не за политичарите наши и за нивните фотељите комотни, туку за нешто многу повисоко и позначајно, за нашето и моето битие, за нашата татковина со мака направена и за мајчиниот јазик македонски што го говорам.

Барем децата и внуците мои да не речат утре, ете ни збор не кажа, а Македонец се викаше. Знам, некој ќе рече лесно е од страна памет да се соли без да се знаат притисоците и игрите големи што некој ги крои. Но, јас немам зошто да се срамам да кажам што мислам и да му порачам на мојот премиер дека не е касно пред својот народ да излезе и да му каже барем дали се вистините гласовите што од соседната страна ги слушаме, а ако нема храброст тоа да го направи да не мисли оти со наивната насмевка на лицето ќе не утеши. И да не мисли дека со молчењето негово услуга на својот народ му прави и дека депресивниот народ што молчи му е алиби за непристојните грчки спогодби и предлози да ги прифати.

Сега ми станува појасно што мислел премиерот кој го гласавме кога велеше дека кичмата требало да ја свиткаме и дека потоа во светла иднина Македонија ќе влезела, а во спротивно кучињата алот нема да ни го јаделе.

Сакам да му порачам на мојот премиер дека се на исто се сведува, дека и таа светла иднина без идентитет ако ја дочекаме, како луѓе без душа и како луѓе без сенки по улиците ќе одиме. А, ако ни ја скршат кичмата нема да можеме да станеме и џабе ќе ни биде и „светлата иднина“ и сите светски алијанси и сојузи во кои ќе членуваме. А, луѓе без душа и без сенка за никого не се корисни и многу фајде од нив нема да видат ни тие што такви во ЕУ ќе не примат. Истите тие што кичмата сакаат да ни ја свиткаат нема кон нас со почит да се однесуваат.

Затоа сакам да му порачам на мојот премиер дека со лавот не се преговара кога главата во неговата уста ти е и дека јалови од старт се такви преговори од такви позиции, а после некој неприлични понуди доблесно е и мудро е малку да застане и добро да се размисли по кој пат оди. После ова што од Грците го изнаслушавме сакам да му порачам на нашиот нашиот премиер дека овој пат го нема мојот глас за такви преговори и дека е време да го слушне својот народ што мисли пред да го стави својот потпис на спогодбата што данајците му ја спремиле. Нека знае дека пишаниот збор и потпис негов ќе го издржи забот на времето и генерациите што по него идат и затоа истиот треба да е одраз на вољата и духот на народот. Пост фестум референдуми и објаснувања не се признаваат, а ако отровот го испиеме не е важно што бил ставен во убаво пакување. Не е само премиерска работа сам да решава за вакви важни прашања туку е и должност тоа да го прави за добробит на сите и по вољата на народот, без предзнак за партиска припадност. И само уште нешто сакам да му кажам, дека и патот до пеколот со добрите намери е поплочан, па затоа да не се води само од неговите добри намери кои за Македонија може да бидат кобни. Затоа е добро народот свој да си го слушне, сите слободно да кажат што мислат по ова прашање, а не во молк цела Македонија да ја држи. Му порачувам дека во најтешките моменти големите луѓе, големите војсководци и политичари со храброст и достоинство победи извојувале. Нека дозволи да му ги зајакнеме преговарачките позиции како што Грците тоа вешто го прават и нека не мисли дека молкот на народот му е сојузник во преговорите.

Деновиве се вртат номинациите за оскар па му препорачувам на мојот премиер ако има време да ги погледа филмовите за Данкирк и за Винстон Черчил и да види дека не му е саму нему најтешко, да види како и еден Винстон Черчил во очај знаел да западне кога во Данкирк му стоела под опсада армија од 400.000 војници и кога сите во парламентот го терале од Хитлер милост да бара, а тој наместо тоа со обичниот народ отишол да проговори и вољата нивна да ја испита, а потоа донел одлука со непријателот да не преговара. Токму затоа англиската нација го слави и ден денес не потклекнува во најтешките моменти, ама тоа е бидејќи храброста и патриотизмот се секогаш на нивната приоритетна листа и нема цена која може да ги плати.

Знам дека ние не сме толку голема нација како англиската и дека вие не сте Винстон Черчил, но барем некоја поука можеме да извлечеме. И не мора сите да не удираат по раме и сите да не сакаат, а има и такви кои можат да ни помогнат.

На крајот на краиштата секој сам си ја крои својата судбина, па така ќе изгледа и нашата, со вашиот потпис потпишана и затоа ви порачувам и ве молам да не дозволите да станеме луѓе без сенка. Имајте предвид дека Македонија е сончева земја и затоа срамот и бедата тешко се кријат.

Фејсбук статус на Валерјан Моневски 12.02.2018