Луис Гиљермо Солис нов претседател на Костарика

На вчерашните претседателски избори во Костарика опозицискиот левоцентристички кандидат Луис Гиљермо Солис лесно извојува победа, откако претходно неговиот противкандидат Џони Араја се повлече од трката.

Кандидатот на владејачката конзервативна Национално ослободителна партија, Араја се повлече од изборната трка пред неколку недели поради проблеми со финансиската поддршка и песимистичките социолошки истражувања на јавното мислење.

Бидејќи, според законот, не може да ја повлече својата кандидатура, Араја едноставно не спроведе кампања и неговите приврзаници не излегоа на гласање.

Педесет и шестгодишниот Солис, кој е историчар и поранешен дипломат, доаѓа на местото на Лаура Чинчија, која според законот може да има само еден претседателски мандат.

Солис на вчерашниот втор круг од изборите освои 77,69 отсто од гласовите.