Луис Суарез ја прими наградата “Златна Копачка”

Фудбалерот на Барселона, Луис Суарез, кој сеуште чека на првиот официјален настап за својот нов клуб, ја доби наградата “Златна Копачка”, признание кое му се доделува на најдобриот стрелец во Европа за изминатата сезона.

Токму тоа го стори Суарез, откако минатата сезона во дресот на Ливерпул постигна 31 гол на 37 меча.

„Сакам да им се заблагодарам на сите најважни личности во мојот живот, сопругата и децата. Секако на сите во Ливерпул, на сите соиграчи не само во минатата сезона туку и на оние со кои играв за три и пол години минати на Енфилд. Тоа беа спектакуларни години. Му се заблагодарувам и на овој човек овде (Кени Далглиш), кој ме доведе во Ливерпул“, изјави Суарез.

Инаку Уругваецот наградата ќе ја подели со фудбалерот на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо.

„Горд сум што оваа награда ја делам со толку голем играч како што е Кристиано“, рече Суарез.

Луис Суарез својот прв официјален натпревар ќе го заигра на 25. октомври, и тоа токму против најголемиот ривал на “каталонците”, тимот на Реал Мадрид.

„Сега почнува нов период и мора да уживам во следната фаза од мојот живот. Стартот со Барселона на „Сантијаго Бернабеу“ ќе биде многу посебен, 100 проценти сум подготвен за тој меч“, истакна Суарез.

На освојувањето на Златната копачка преку видео порaка му честиташе и капитенот на Ливерпул, Стивен Џерард.

„Жал ми е што денес не можам да бидам со Луис, но сакам да му честитам во името на сите од Ливерпул. Беше магичен играч во Ливерпул. Барса има среќа. Среќно во иднина, друже, многу ни недостасуваш и се најдобро“, рече Џерард.