Лукаку е идеално засилување за Арсенал и Венгер

Поранешниот напаѓач на Евертон и Арсенал, Кевин Кемпбел, јавно го посоветува актуелниот менаџер на популарните „топчии”, Арсен Венгер, дека мора под итно да испрати официјална понуда за репрезентативецот на Белгија, Ромелу Лукаку.

Младиот напаѓач е во сопственост на лондонскиот премиерлигаш Челзи, но во актуелната сезона настапува како позајмен фудбалер во дресот на Евертон.
“Ако не е дел од плановите на Мурињо за новата клупска сезона, тогаш Евертон сигурно ќе испрати понуда за неговите услуги. Знам дека челниците на Евертон први ќе седнат на преговарачката маса, но не знам дали се доволно финансиски моќни за да реализираат еден таков трансфер. Интерес за неговите услуги мора да покаже и менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер. Лукаку е многу млад, многу е силен, брз и е сконцентриран во финишот од акциите. Што друго да посакате?”, изјави Кемпбел.
Англиските медиуми веќе потврдија дека контроверзниот менаџер на Челзи, Жозе Мурињо нема да смета на Лукаку и во новата клупска сезона и дека белгискиот интернационалец ќе биде продаден на првиот клуб кој ќе испрати официјална понуда не помала од 35 милиони фунти.