Луксембург од утре претседава со ЕУ

Луксембург од утре претседава со ЕУ

Луксембург утре го презема од Летонија шестмесечното претседавање со ЕУ, а имајќи предвид дека тоа ќе биде 12-ти пат оваа мала земја да претседава со Унијата откако е воведен ротирачкиот систем, се очекува тоа да помине без поголеми потреси.

Претседавањето, како што е најавено, ќе се заснова врз седум столбови: поттикнување на растот, инвестиции и вработување, продлабочување на социјалните димензии на ЕУ, управување со миграциите, фокус врз дигитализација на единствениот пазар, промоција на конкурентноста, одржливиот развој и јакнење на улогата на Унијата на глобална сцена.

Меѓу приоритетите за следните шест месеци Луксембург го нема ставено проширувањето на ЕУ, веројатно затоа што не очекува да се направат големи чекори во тој процес.

Официјално претседавањето ќе започне на 3 јули со повеќе манифестации во Луксембург, каде за време на викендот ќе се одржат културни настани во кои ќе учествуваат претставници од сите 28 членки на ЕУ.

Од 1 јануари 2016 година претседавањето со ЕУ ќе го преземе Холандија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.