Лустрирани седум лица поврзани со предметот на Методија Андонов Ченто

Комисијата за верификација на факти на денешната седница прогласи седум лица за прекршители на човековите права и слободи од идеолошко политички причини поврзани со предметот на Методија Андонов Ченто, прв претседател на президиумот на АСНОМ, пренесува МИА.

Според информациите од Комисијата, станува збор за три службени лица на ОЗНА, двајца јавни обвинители од кои едниот бил јавен обвинител на Македонија и двајца соработници на тогашната тајна служба. Едно лице од овие седуммина е живо, според информациите што лустрациска ги добила од Управата за водење на матични книги.

Со претходните шестмина судии, досега за предметот на Методија Андонов – Ченто се лустрирани 13 лица.  Лустрациска во врска со случајот Ченто врши дополнителни проверки на повеќе лица.

Управниот суд, пак, пред новогодишните празници, како што изјави за МИА портпаролот на Комисијата Предраг Димитровски, потврдил уште шест одлуки на Лустрациска.

Со тоа  вкупниот број на потврдени одлуки на Комисија е седум. Љубомир Фишиќ, поранешен носител на јавна функција, советник на републичкиот секретар за внатрешни работи, беше лустриран за давање информации за лице обработувано од тајните служби под псевдонимот „Ѕвечарка“. Вториот е Славе Рајовски, кој беше кандидат за советник во Општина Чучер Сандево на последните локални избори, а фигурирал како соработник на тајните служби под псевдонимот „Теолог“, и работел со лица поврзани со српкиот радикализам, потоа Милован Стефановски, писател како поранешен член на Совет на радиодифузија, соработник под псевдоник „Превер“, кој  давал информации за лица од културата како Михаил Ренџов, Атанас Вангелов, Симон Дракул, Гане Тодорвски, Божин Павловски…, Исак Ајрули, поранешен советник во Општина Боговиње, соработник на тајните служби под псевдоним „Зенит“, кој бил ангажиран за лица осомничени за настапување од позиции на албански национализам и иредентизам, Зоран Јовановски, поранешен советник во Општина Росоман, кој работел под псевдонимот „Референт“, и бил ангажиран за лица осомничени за српски национализам и радикализам и Фередин Мифтари, заменик директор на Затворот Скопје, кој работел под псевдонимот „Кореограф“.

Претседателот на лустрациска во среда Томе Аџиев, кога е последниот работен ден на овој состав на Комисијата, че одржи прес-конференција на која ќе даде отчет за сработеното во изминатите пет години. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.