Луте: Утре ќе се разговара за Црна Гора, Македонија, БиХ и Грузија

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО, на утрешниот состанок на Северно-атлантскиот совет се очекува да одлучат позитивно за испраќање покана за членство на Црна Гора во најголемата воено-политичка организација на светот.

Како што пренесе МИА од Брисел, на синоќешната прес-конференција во Брисел по повод утрешниот состанок, американскиот амбасадор во Северната Алијанса, Даглас Луте објави дека утре ќе се разговара општо за политиката на отворени врати на НАТО и оти во тој поглед не само за Црна Гора, туку ќе се разговара и за Македонија, Босна и Херцеговина и Грузија, кои исто така се кандидати за членство.

Сега, без оглед на одлуката за Црна Гора, постојат уште три други земји кои се во аспирантскиот приод или ако сакате, земји што се изјасниле со јасна намера да се приклучат на НАТО. Мислам дека министрите ќе разговараат за напредокот и со овие три други земји-аспиранти. Тоа се Грузија, Босна и Херцеговина и Македонија. Првата сесија на утрешниот министерски состанок на НАТО е за политиката на отворена врата, посочи амбасадорот на САД во Алијансата, Даглас Луте.

Како што е познато, шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО и покрај благото противење на Франција, се очекува утре да и упатат покана за членство на Црна Гора поради гео-стратешки интерес, иако оваа земја е во тешка политичка криза и не исполнува голем дел од политичките критериуми за членство во најголемата воено-политичка организација во светот. Оваа покана се очекува да се реализира во членство на Црногорците во НАТО до Самитот на Алијансата во Варшава во јуни идната година, со цел проширувањето да не биде тема на Самитот, бидејќи така ќе мора повторно да се одлучува за прием на Македонија.

Македонската држава ги исполнува сите услови да стане членка на НАТО уште од 2008 година, кога според заклучокот на Самитот на Алијансата во Букурешт, Македонија ќе влезе во НАТО „откако ќе се реши проблемот за името на државата со Грција”.

Токму поради грчкото вето на македонски влез во НАТО, Алијансата избегнува тема проширување на официјалните самити, па приемот на Црна Гора се очекува да се случи пред следниот Самит во Варшава, од причина што со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг во 2011 година, Грција не смее да го блокира македонското членство во Алијансата.