М’бапе оди во ПСЖ за неверојатни 180 милиони евра?

Француските фудбалски прволигаши При Сен Жермен и Монако постигнале договор околу младиот француски напаѓач Килиан М’бапе кој ќе се пресели во еден од најбогатите клубови на светот за 155 милиони евра отштета, а заедно со бонусите сумата се искачува на огромните 190 милиони евра.

Француските медиуми наведуваат дека клубовите го постигнале договорот, меѓутоа и оти сѐ уште нема официјална потврда на оваа информација. М’бапе би требало да се пресели во ПСЖ како позајмен играч од Монако, а париските „Светци“ до крајот на годинава би требало да го откупат неговиот договор.

Доколку оваа вест се покаже точна, тоа ќе биде вториот најголем трансфер во историјата на фудбалот, откако претходно летово Бразилецот Нејмар ја напушти Барселона и се пресели во ПСЖ за 222 милиони евра.

Килиан М’бапе минатата сезона на 44 натпревари во дресот на Монако постигна 26 голови. Интересно е што оваа 18-годишна фудбалска ѕвезда не настапи во неделата во дербито против Марсеј во кое Монако славеше дури со 6:1.

„М’бапе е дел од Монако и планот беше подоцна да влезе во игра. Откако поведовме со 4:0 немаше потреба да биде внесен во мечот“, изјави тренерот на клубот од кнежевството, Леонардо Жардим.

На новинарското прашање по мечот со Марсеј дали младиот фудбалер навистина ќе замине во редовите на ПСЖ, Жардим даде конкретен одговор.

„Немам што да потврдувам или демантирам. Не е мое да објаснувам каде ќе игра некој играч. Мојата работа е на теренот“, рече Жардим.