Мадрид се обиде да ја спречи средбата меѓу Пучдемон и Торен во Брисел

Шпанската влада побара од преставништвото на својата автономна покраина Каталонија во белгиската престолнина Брисел да не го дозволи состанокот предвиден за во средата меѓу отстранетиот каталонски претседател Карлес Пучдемон и кадидат повторно за истата должност иако се наоѓа во егзил во белгиската престолнина, и актуелниот претседател на каталонскиот парламент, објави дипломатски извор, но нивната средба, сепак, е одржана на друга локација.

Каталонските претставници добиле насоки „да не го дозволат состанокот во просториите на претставништвото на Каталонија во Брисел“, изјавил неименуваниот дипломатски извор за агенцијта AFP.

Состанокот потоа бил префрлен на друго место, потврдиле од опкружувањето на Карлес Пучдемон. Откако Каталонија е под директна управа на Мадрид со суспендирањето на нејзината автономија поради прогласувањето на незавиноста, просторот на каталонското претставништво во Брисел, исто така, е под директно управување на централната шпанска влада.

Еден од членовите на каталонската делегација, Жоан Марија Пике, изјавил за шпанскиот дневен весник El Pais дека обезбедувањето на објектот по указ од шпанското министерство за надворешни работи му го забранила на Пучдемон пристапот во зданието во кое е претставништвото на Каталонија во Европската унија.

Роже Торен, кој беше избран за претседател на каталонскиот парламент по вонредните парлементарни избори одржани на 1-ви декември откако ги распиша централната влада во Мадрид, пристигнал во средата утрото во Брисел, за да се сретне со Пучдемон и четворицата поранешни отстранети министри од неговата влада. Нивната средба доаѓа во моментот кога Пучдемон е единствен кандидат за претседател на Каталонија, а шефот на парламентот се обидува да организира инаугурициската седница пред крајот на јануари, во многу неповолни околности.

Пучдемон, кој е обвинет во Шпанија за бунт против државата, повик на непослушност кон властите, трошење јавни пари за организирање и спроведување на забранeтиот референдум за независност за што му се заканува долгогодишна затворска казна, е единствениот кандидат за местото претседател на регионалната влада откако партиите коишто се залагаат за независноста на Каталонија освоија 70 од 135-те мандати во тамошниот парламент. Пучдемон ја водеше владата од крајот на 2015 година до 29-ти октомври 2017 година кога беше отстранет и замина во Белгија за да го избегне апсењето и протворањето како другите каталонски политичари кои се залагаат за независност.

Во понеделникот Пучдемон првпат ја напушти Белгија, па на универзитетот во данската престолнина Копенхаген учествуваше во дебата за Каталонија со што продолжи да го интернационализира својот судир со владата во Мадрид. Шпанскиот истражен судија го одби барањето на државниот обвинител да ја активира претходно повлечената потерница по него и да бара екстрдиција од Данска, но доколку стапне на шпанска територија ќе биде уапсен. Поради тоа, каталонските сепаратисти го предложија модусот тој да ја води владата преку видеолинк додека не се реши спорот, што категорички го одбија шпанскиот премиер Маријано Рахој и партиите кои во каталонскиот парламент се залагаат за унитарноста на земјата.