Мадуро: САД наметнаа економска војна за да се уништи картелот ОПЕК

Претседателот на Венецуела Николас Мадуро ги обвини САД и претседателот Барак Обама за сегашната нафтена криза и за драстичниот пад на цената на нафтата, пренесе МИА.

– САД наметнаа економска војна која има за цел да се уништи нафтениот картел ОПЕК, изјави Мадуро во Каракас, обвинувајќи ги Американците и за разорувањето на венецуелската еконмија.

Мадуро смета дека САД „намерно го преплавија светскиот пазар со нафта“, што, според него, е дел од економската војна што Вашингтон ја води против Русија.

Изјавата на венецуелскиот претседател доаѓа пред неговата светска турнеја,во која ќе посети повеќе земји во обидот да се изнајде решение за кризата со цената на нафтата.

На почетокот од турнејата, Мадуро ќе ја посети Кина, главиот кредитор на Венецуела и во Пекинг ќе има разговори со кинескиот претседател Кси Џинпинг.

Потоа венецуелскиот претседтел ќе посети неколку земји членки на ОПЕК, настојувајќи да ги убеди за намалување на дневното производство на нафта, како начин да се запре паѓањето на нејзината цена.

Од јуни 2014 година цената на суровата нафта во Венецуела е намалена за 50 отсто.

Оваа јужноамериканска земја е голем производител на нафта и членка на ОПЕК, се верува дека располага со едни од најголемите резерви на „црното злато“ во светот.

Постојаното паѓање на цената на нафтата на светскиот пазар, предизвикува големи загуби на домашната економија, затоа што најголемиот дел од приходот во конвертибилна валута, Венецуела го добива од извозот на нејзината нафта.

Владата во Каракас од почетокот на кризата тврдеше дека цената на нафтата „намерно паѓа“ за да се предизвика криза кај земјите производители и таа меѓу првите предложи ОПЕК да го намали производството. Но на последната седница на картелот, под притисок на Саудиска Арабија и земјите од Персискиот Залив, оваа мерка не беше прифатена.

Богата со нафта, Венецуела е во економска криза и пред падот на цената, а земјата има недостиг од некои од основните прехранбени производи, како маслото за јадење и млекото. Домашната опозиција смета дека причина за кризната состојба во венецуелската економија е погрешната социјалистичка економија на претседателот Мадуро и неговите популистички методи на управување со земјата.