Маџиров настапи со инаугурацискиот поет на Обама

Во преполната хала со над 300 луѓе во Конгресниот центар во Минеаполис во САД, нашиот поет Никола Маџиров настапи заедно со Ричард Бланко, поетот кој Обама го избра да чита на неговата втора инаугурација за претседател на САД.

Ричард Бланко и Маџиров се надоврзуваа, наизменично читајќи поезија поврзана со мотиви од детството и бегствата. Бланко се изрази позитивно за поезијата на Маџиров, зборувајќи за различните и мали култури и пресвртот во неговата поетика по преселбата во САД. Следеше потпишување на нивните книги, а сите примероци беа за кратко време распродадени.

Традицијата со поетски читања на инаугурациите на американските претседатели ја започнал Кенеди во 1961 година, со поетот Роберт Фрост, а Бил Клинтон во 1993 година ја избрал легендата на афро-американската поезија, поетесата Маја Ангелоу. Читањата на Маџиров беа архивирани од американската Асоцијација на писатели и програми за пишување.

Читањата на Маџиров надвор од Македонија продолжуваат следната недела во Ирска.