Маџовска: Закон за јазици ќе доведе до нови поделби

Професорката Симона Грујовска Маџовска од Институтот за македонски јазик во своето гостување на емисијата Само вистина на Канал 5 го кажа својот став за законот за јазици донесен минатата недела во Собранието на Република Македонија од пратениците на СДСМ.

Според неа овој закон ќе доведе до нови поделби, нетрпение, конфликти и тензична атмосфера помеѓу Македонците и Албанците. Таа упати критики и за процедурата и начинот на кој јазикот откако е изгласан ќе се испраќа во Венецијнската комисија, објаснувајќи дека тој требало да се испрати прво во комисијата, а потоа да се гласа во Собранието.

-Неколку месеци се кажуваше дека се испратени некои делови од прелог Законот за јазиците во Венецијанската комисија, но до ден денес такво нешто не е направено. Тоа не беше направено, ништо не е пратено во Венецијанската комисија, каде што се испраќаат законите, кога се уште се подготвуваат, а не откако ќе се донесат. Односно тоа што го слушаме сега откако беше изгласан законот во собранието дека допрва ќе се испраќа во Венецијанската комисија, вели таа.

Грујовска Маџовска, потенцираше дека овој закон не може да стапи на сила се додека указот не го потпише претседателот на државата Иванов.

-Се до тој момент, законот не смее и не може да стапи на сила беше децидна таа.

Целата процедура на донесување на овој закон беше со кршење на  Уставот, законите и деловникот на Собранието, додаде таа.

Грујовска Маџовска, истакна дека побарала од владата на СДСМ да овозможи да има дебата во Собранието, бидејќи  собранието е законодавен дом каде што треба да се дебатира за донесување на секоја законска регулатива. Сепак, не добила одговор од владата туку од министерот за култура.

Иако имаше желба нешто да се прифати, видовме дека таква желба нема, бидејќи овој закон насилнички беше изгласан таков каков што е без да се измени ниту еден збор, кажа професорката Маџовска.

Во однос на позицијата на македонскиот јазик професорката кажа дека во општините каде што Албанците се мнозинско население, службен јазик е албанскиот и само албанскиот, а македонскиот ако го има е на второ место под албанскиот.

-Со овој закон се создава една ситуација каде што Албанците немаат потреба да го познаваат македонскиот јазик. Бидејќи со албанскиот јазик тие буквално во целиот општествен живот, во сите институции, судски постапки, со полиција, со што е таму предвидено каде се албанскиот јазик ќе се употребува. Значи буквално немаат потреба веќе да го користат македонскиот јазик, додаде таа.

Грујовска Маџовска, рече дека има ситуации кои според неа се страшни и недозволен, а тоа е  што млади Албанци одбиваат да го изучуваат македонскиот јазик.

На крај професорката  Грујовска Маџовска , објасни дека со овој закон се создава многу лоша атмосфера во општеството, односно бидејќи се создаваат две општества и две паралелни светови.