Маџунот од Тиквешијата ќе влезе во светски каталог за вкусови

Тиквешкиот маџун, „станушината“ како автохтона тиквешка сорта грозје и рачелите од тиква, ќе влезат во светски интернет каталог за вкусови, пишува Дневник.

– „Станушината“ и маџунот се она на што посебно се гордееме и за нивното производство не постои формула, постои само тајна која се пренесува од колено на колено со генерации. Од „станушина“ добрите мајстори прават извонредни вина и ракии. Ритуалот со белата земја, која се толчи, пече, се сее и со неа се третира ширата за потоа со варење да се добие маџун, е нешто што на лекот од грозје му дава уште поголема мистичност. Велат дека колку е маџунот постар, толку е и подобар. А во Тиквешко се’ уште се случува при уривање стари куќи да се пронајдат скриени врчви полни со маџун, кои се криеле како најголемо наследство и како најефикасен лек за многу болести. А на слаткото од тиква, низ годините, од чалам му се додавало грозје, лешници, бадеми, оревчиња, па и модри патлиџани – објаснува Маја Шкартова од кавадаречкиот разгранок на „Слоу фуд“, за Дневник

Во  над 1.600 номинирани производи за светкиот каталог спаѓаат и планинскиот чај од Галичица, колешинските кикиритки, медот од македонската пчела, мариовското биено сирење, кашкавалот од Бистра, неготинската наутлија, струмичкиот сусам, струмичкиот собра-грав, циронките од Стење, мариовската буша, беровскиот оцет од киселици.