петок, 28 јули 2017  |  Вести денес: 43

Маестро Максим Венгеров и уметниците од камерниот оркестар „Мењухин“ вечерва на „Охридско лето“

Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со настап на едно од највпечатливите имиња на светската уметничка сцена, со концертот на неповторливиот Максим Венгеров, виолинистот за кој светската музичка јавност вели дека ги определува рамките на современиот уметнички израз.

vengerov

Поврзани вести

Музичката програма на „Охридско лето“ продолжува со настап на едно од највпечатливите имиња на светската уметничка сцена, со концертот на неповторливиот Максим Венгеров, виолинистот за кој светската музичка јавност вели дека ги определува рамките на современиот уметнички израз.

Директорот на „Охридско лето“ Оливер Арсовски, најавувајќи го вечерашниот концерт истакна дека се работи за една од фестивалските содржини кои предизвикуваат огромен интерес кај јавноста, како кај вистинските познавачи на класичната уметност, така и кај пошироката фестивалска публика.

Како виолинист уверен сум дека сите оние кои вечерва ќе бидат во „Света Софија“ ќе можат да уживаат во музичката дарба на маестро Венгеров. Сите со нетрпение го очекуваме неговиот вечерашен настап, рече Арсовски.

Селекторот на музичката програма на „Охридско лето“ Гордана Јосифова – Неделковска од своја страна изрази задоволството што Охрид и македонската јавност има можност да бидат домаќини на еден од најмоќните музички личности на денешницата.

По неговиот настап минатата година, огромно е задоволството што се реализираше идејата за оваа година маестро Венгеров да е повторно тука со уметниците од „Мењухин“ камерниот оркестар, формиран 1977 година, оркестар кој веќе 40 години успешно настапува на најпрестижните уметнички сцени низ Европа, САД, Канада, Јапонија Кина. Честа е особено наша што оваа година на 100-годишнината од раѓањето на великиот маестро Јехуди Мењухин, јубилеј што се слави низ целиот свет, а тука вклучувајќи го и Охрид и фестивалот „Охридско лето“, рече таа.

Во рамки на „Охридско лето“, оваа година се одржува и летна музичка академија на која маестро Венгеров има часови и со млади македонски уметници, што се очекува да придонесе на заложбите за реализирање на идејата Охрид да биде промовиран не само како град на уметноста и туризмот, туку и како универзитетски центар во овој дел од Европа.

Маестро Венгеров не го крие задоволството што повторно е тука во Охрид, на фестивалот „Охридско лето“ што секоја година е домаќин на врвни музички и драмски уметници од светски калибар.

Среќен сум што истворемено како музичар и диригент ја имам привилегијата да ја реазлизирам скромната мисија што ми ја предочи мојот музички отец Јехуди Мењухин. Честа да се настапува тука носи и одговорност, моја лична на секој од овие млади уметници да се обидам да им пренесам дел од моето музичко искуство, рече тој.

Младата уметничка Георгина Поповска не ја криеше радоста што и е дадена можноста да биде дел од „Мењухин“ академијата и да соработува со маестро Венгеров.

Да се работи со Венгеров и академијата „Мењухин“ е навистина благослов, научивме многу, се дружевме и навистина тоа е животно искуство што не може да се заборави, рече таа.

Инаку, за својот музички пат Венгеров рече дека е негова среќа што имал можност да учи од најдобрите уметници, светски познати имиња.

Мојот успех им го должам на многу луѓе, меѓу кои на моите први музички учители, моите родители. Но, благодарение на Бога што имав привилегија својот потенцијал да го доградувам кај Мстислав Ростропович, кој не само што ми ја отвори вратата да ја доживеам музиката на повеќе нивоа, туку човек кој ми ја претстави сликата на музиката што треба да ја отсвирам. Музиката е моќен медиум и нашите искуства ние ги претставуваме на сцена, но кога чувствата наши се пренесуваат и кај публиката, тогаш нашата мисија се остварува. Визуалицијата на музиката го прави концертот успешен, доколку нашите слики се пренесат на публиката, тогаш ние уметниците ја издигнуваме нашата мисија на музицирање во своевидна уметничка продуховеност, рече маестро Венгеров.

Концертот на Венгеров и уметниците од Академијата „Мењухин“ е вечерва на сцената во катедралната црква „Света Софија“, со почеток од 21 часот. На програмата се дела на Моцар и Шостакович.

Куриозитет е што маестро Венгеров свири на извонредно редок и вреден инструмент, виолина изработена од големиот Страдивари во 1731 година, која своевремено била сопственост на францускиот Паганини, виолинистот Рудилф Кројцер.

Најчитани вести