Спорт

Маестро Меси и другарите го демолираа Баерн за петнаесет минути

Маестро Меси и другарите го демолираа Баерн за петнаесет минути

Вторите полуфиналисти во Лига на шампионите, Барселона и Баерн Минхен ни пружија одлична фудбалска престава после која само “каталонците” останаа со насмевки на лицата.

Барса славеше со 3:0, во натпревар каде 77 минути се чекаше на првиот погодок. Најпрво Луис Суарез имаше стопроцентна шанса, беше очи во очи со Мануел Ноер но не успеа да го совлада најдобриот светски голман во моментов. Можност за погодок имаше и Роберт Левандовски, кој исто како и Суарез не успеа да искористи одлична шанса, па резултатот остана 0:0. Барселона продолжи да притиска, најчесто преку Меси и Нејмар, додека Баерн преку против напади се обидуваше да стори нешто повеќе.

И во 77-та минута на сцена стапи виртуозот на фудбалската игра, Лионел Меси. Најпрво со еден одлично одмерен удар од 17-тина метри го совлада Ноер, чисто да го тргне притисокот од себе и своите колеги. И само што тргнаа од центарот гостите, во 80-та минута следеше нов шок. Аргентинецот прими топка на половината на Баерн, по што тргна во соло акција. Најпрво го “испружи” Боатенг на теренот, а потоа и со маестрален лоб удар го матираше голманот Ноер.

За да биде катастрофата целосна се погрижи Нејмар, кој по одличното додавање на Меси, излезе еден на еден со гостинскиот голман, но за разлика од Суарез, Бразилецот стрелаше прецизно и ги постави конечните 3:0.

Пеп Гвардиола и неговите пулени ќе имаат ѓаволски тешка задача на реваншот на Алијанц Арена, но сигурно нема да се предадат туку така. Впрочем, и Порто имаше одлична предност во четвртфиналето, но помина многу лошо на реваншот.