Магаре касна автомобил, сопствениците на суд

Сопствениците на магaрe во германскиот град Шлиц мора да платат отштета којашто ја предизвикало нивното животно кое гризнало луксузен спортски автомобил оштетувајќи му ја бојата, пресудил претходно седмицава германски суд.

Според портпаролот на судот, недвосмислено е дека магарето двапати го загризало задниот дел од возилото во септември 2016 година и предизвикало штета од 5.800 евра.

Сопственикот на автомобилот морал да ја плати поправката од сопствениот џеб, бидејќи осигурувањето на сопственикот на магарето одбило да ја покрие целата сума.

Тужителот на судот дошол со оштетениот авттомобил додека главниот виновник магарето Витус не се појавил на рочиштето, како ниту неговите поранешни сопственици кои во меѓувреме раздразливото животно го продале.

„Дали сте знаеле дека на тоа подрачје разјарено магаре подготвувало непријатност“, запрашал претседавачкиот судија на рочиштето коешто се одвивало во опуштена атмосфера, пренесува агенцијата DPA.

Сопственикот на оштетеното лускузно возило опишал дека одел на лекар и свртувал во близина на поле и не го видел магарето се додека тоа не се залетало и двапати го гризнало задниот дел од спортскиот автомобил. Случајот го потврдил вработен кај него.

Од полицијата изјавиле оти веруваат дека магарето го помешало портокаловиот автомобил, инаку „Мекларен“ кој чини 310.000 евра, со голем морков.