Екстремните горештини во Европа би можеле да убиваат над 150.000 луѓе годишно

Бројот на починатите лица во Европа како последица на временските услови би можело педесеткратно да се зголеми до крајот на овој век, а само од екстремните горештини би можеле да умрат повеќе од 150.000 луѓе годишно до 2100 година, доколку не се стори ништо за да се намалат ефектите од климатските промени, предупредија научниците во петокот во студијата објавена во стручниот магазин The Lancet Planetary Health.

Во студијата научниците укажуваат дека климатските промени стануваат сѐ поголем товар за општеството и дека секој втор жител на Европа би можел да ги почувствува последиците доколку не се контролираат емисиите коишто го предизвикуваат ефектот на стаклената градина и екстремните временски услови.

Според предвидувањата коишто се темелат на претпоставката дека нема да се случи намалувањето на емисијата на штетните гасови, ниту, пак, ќе се подобрат политиките за намалувањето на влијанието на екстремните климатски услови, бројот на смртните случаи поврзани со климата во Европа ќе порасне од 3.000 на годишно ниво, колку што се регистрирани во периодот од 1981 до 2010 година, на 152.000 смртни случаи годишно меѓу 2071 и 2100 година.

„Климатските промени се една од најголемите глобални закани за човековото здравје во XXI век и нивното штетно влијание врз општеството ќе биде сѐ повеќе поврзано со катастрофите предизвикани од екстремните временски услови“, вели еден од авторите на студијата, Џовани Форзиери, од Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија во Италија.

Според него, „доколку глобалното затоплување итно не биде запрено“, околу 350 милиони жители на Европа годишно би можеле да бидат изложени на штетните климатски екстреми до крајот на овој век.

Во споменатата студија се анализирани ефектите на седумте најштетни видови катастрофи предизвикани од временските услови: топлотниот и студениот бран, шумските пожари, сушите, речните и крјабрежните поплави, како и бурите во земјите членки на Европската унија, плус Швајцарија, Норвешка и Исланд.

Тимот научници ги проучувал податоците за невремињата од 1981 до 2010 година, за да ја процени изложеноста на населението, а потоа ги комбинирал со климатските предвидувања и можните демографски движења.

Нивното откритие укажува дека топлинските бранови би можело да бидат најсмртоносни и дека би можеле да бидат одговорни за 99 отсто од сите смртни случаи поврзани со климатските промени растејќи од 2.700 годишно колку што се забележани од 1981 до 2010 година, на 151.500 смртни случаи во периодот од 2071 до 2100 година.

Ова истражување покажува и значителен пораст на смртноста поради крајбрежните поплави од шест смртни случаи годишно на почетокот од веков на 233 на годишни ниво до крајот на XXI век.