Во Италија на 117 години почина најстарата жителка на Европа

(Ема Морано, © AP Photo/ Antonio Calanni, File)

Италијанката Ема Морано, којашто беше најстарата личност во Европа а се сметаше и за највозрасниот жител на Земјата почина на возраст од 117 години и 137 денови, пренесе во саботата електронското издание на дневниот весник La Repubblica.

Ема Морано, родена во 1899 година, исто така, беше и последниот од стогодишниците, кои се родиле во XIX век. Морано стана официјално најстарата жителка на планетава од ма 2016 година, откако во Њујорк почина Американката Сузан Мушат Џонс.

Но кон средината на јули 2016 година беше објавено дека во Виетнам на 123 години починала најстарата жителка на планетата. Н’гујен Ти Чу официјално се сметаше за најстарата жена на Земјата од 2015 година, кога тоа го потврди Академијата за светски рекорди (WRA). Во податоците за идентификација на Чу се наведува дека таа се родила на 4-ти мај 1893 година.

Во 2011 година виетнамската организација „Рекордите на Виетнам“ ја прогласи Н’гујен Ти Чу за најстарата личност во земјата. Четири години подоцна нејзината долговечност беше призната и на светско ниво кога WRA ја призна за најстарата личност на светот.

Кон средината на мај лани Геронтолошката истражувачка група објави дека почина 116-годишната Сузан Мушат Џонс, која беше прогласена за најстарата личност на планетата според Гинисовата книга на рекордите. По смртта на Џонс, досега најстара личност на светот верификувано од Гинисовата книга на рекордите беше 117-годишната Ема Морано Мартинуци од Италија.

Носител на титулата најстар човек на светот со 117 години верификувано од Гинисовата книга на рекордите, пред Џонс му припаѓаше претходно на Јапонецот Џироемон Кимура роден на 19-ти април 1897 година кој во јуни 2013 година почина од старост.

Најстарата личност, инаку, која кога и да е живеела на Земјата, официјално потврдено, е Французинката Жан Луиз Калман, која почина во 1997 година на возраст од 122 години.

Меѓутоа, на крајот од април 2015 година Виетнамката Н’гујен Ти Чу, тогаш со 122 години, беше потврдена како најстарата жена на светот, според директорот на Гинисовата книга на рекордите, со што таа официјално ја презема „титулата“ од Јапонката Мисао Окава којашто почина на 1-ви април 2015 година на возраст од 117 години, а само седмица подоцна почина и Американската Гертруд Вивер, којашто со своите 116 години на кусо беше најстара жена и воедно личност на планетата.

По деталното проверување Н’гујен Ти Чу од градот Хо-Ши-Мин, официјално на 20-ти април 2015 година беше прогласена за најстариот жител на планетата Земја. Родена 1893 година, Чу во своите 40-ти години го родила своето најмладо дете, синот кој во 2014 година починал на 72 години.

На 11-ти јуни 2014 година беше објавено дека Кармело Флорес, кој според боливиските власти беше најстариот човек на планетата, починал во 124 година од животот во болница во Ла Паз. Кармело Флорес, припадник на домородната индијанска заедница Аимара, официјално е роден на 16-ти јули 1890 година. Живеел на надморска височина од 4.000 метри во зафрленото селце Фраскиа, западно од Ла Паз, во близина на езерото Титикака, хранејќи се со житарките кои успеваат на Андите и пиејќи исклучиво изворска вода. Селскиот лекар, Адалберто Сегалес истакна тогаш дека старецот „боледувал од дијабетес”, како и дека последниот период му се влошила здравствената состојба. Зад себе остави син, 14 внуци и 39 правнуци.

Кон крајот на јули 2013 година, Јужноафриканската Република откри дека таму живее најстарата жена на светот, Н’кукутане Џохана Мазибуко којашто има 119 години, според фотокопијата од нејзината лична карта којашто на AFP му ја испратил новинар кој ја посетил во местото Клерксдорп, издадена 1986 година на која пишува дека е родена на 11-ти мај 1894 година.

Меѓутоа, кон средината на јануари 2013 година портпаролот на гувернерот на авганистанската покраина Вардак, и самиот внук на една старица, објави дека починала најстарата личност на планетата – Хасана којашто имала навршено 136 години од животот. Според другите роднини на починатата долговечна Авганистанка, претходно претставници на УНЕСКО ги земале личните информации за Хасана, но тоа не е резултирало со конкретни дејства или чекори за нејзино официјално прогласување за највозрасен жител на планетата. Шефот на администрацијата на округот Пачирагам каде што била погребана Хасана, Малик Мохамад Аслам за агенцијата Pazhvak потврди дека починатата имала навршено 136 години од животот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.