Во Кина робот стоматолог ја изведе првата операција без човечка интервенција (ВИДЕО)

Откако претходно годинава роботот Ксиао Нан го објави својот прв напис од 300 карактери во весникот Southern Metropolis Daily, уште еден робот дизајниран во Кина ја изведе првата стоматолошка операција врз пациент без учество на лекари, пишува South China Morning Post.

Роботот вметнал во пациентот два вештачки заба, отпечатени на 3Д печатач. Пред операцијата лекарите биле замолени да ги зададат насоките и аголот на движење и да ги утврдат параметрите за длабочината, неопходни за новите заби да бидат поставени на нивните места што е можно попрецизно. Притоа машината била способна да ги прилагоди поставките во зависност од движењата на пациентот.

Се истакнува дека роботот ги поставил имплантите со грешка од 0,2-0.,3 милиметри, со што се запазени сите стандарди за ваквата интервенција.

Според експертите, за Кина ваквите развивања се особено актуелни, бидејќи во земјата има недостиг од квалификувани стоматолози. Истражувањата покажале дека годишно во земјата се поставуваат околу милион импланти, но многу пациенти по операцијата повторно се принудени да одат на стоматолог поради хируршки грешки.