Магдинчев: Да ги запреме контрите на Русинките

Македонската женска ракометна репрезентација в среда 17.00 часот во Ростов против Русија го почнува квалификациски циклус за пласман на Европското првенство, годинава во Хрватска и Унгарија.

Во пресрет на овој дуел селекторот Ристо Магдинчев како главна цел на своите избранички им постави да се сопрат противнападите на Русинките.

“Руската репрезентација 80 отсто од головите ги дава од полуконтра и контра. Тоа е нивното главното оружје. Германската репрезентација во нивниот меѓусебен дуел го сопре тоа и имаше позитивен резултат. Според тоа нашата прва задача е во напад да не трошиме многу топки, да играме паметно, затоа што нападот го губи натпреварот. Техничките грешки треба да ги сведеме на минимум”, изјави Магдинчев.

Капитенот Робертина Мечевска уверена е дека Македонија ќе забележи добар резултат, а најави дури и победа против силниот противник и ги повика навивачите на „црвено-жолтите“ да ја исполнат салата „Кале“ во реваншот закажан за в сабота.

“Одиме на добар резултат, а тоа значи победа, подмладени сме, но верувам во овие девојки и се надевам дека ќе ја прекинеме серијата без победа”, потенцира Мечевска.

Освен овие две репрезентации во квалификациската група 7 игра и Германија.

Русинките и Германките имаат по една победа во нивната меѓусебна пресметка со тоа што Германија има подобра гол разлика на тие средби.

Двете првопласирани селекции обезбедуваат учество на ЕП