Еве на кои патишта е намалена видливоста

Намалена видливост поради појава на магла има на патните правци Свети Николе – Куманово и Велес – Катланово до 50 метри и Куманово – Страцин од 50 до 100 метри, соопшти АМСМ.

Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по влажни коловози. На коловозите има остатоци од кашест снег по интервенцијата од дежурните екипи на ЈП „Македонија пат“.

АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Гостивар – крак Маврово, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево и Виница – Берово, каде е можна почеста појава на одрони.