Магла на Стража, Ѓавато и Маврово

Поради магла до 50 метри е намалена видливоста на патиштата во Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато. Сообраќајот на сите државни патишта се одвива по влажни коловози, информира Авто мото сојузот на Македонија.

Локалниот пат од Кратово до село Каврак е прооден по една коловозна лента за патнички моторни возила, а за тешки товарни возила е забранет. Регионалниот пат Пробиштип – ХС Злетовица во село Којково, Кратово, е пробиен и оспособен за сообраќај само за патнички моторни возила.

На патниот правец Крупиште-Пробиштип кај село Неокази, поради појава на вдлабнатина и попуштање на левата коловозна лента, во правец кон Пробиштип-Крупиште, сообраќајот се одвива наизменично, само по десната коловозна лента.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово, Гостивар – крак Маврово каде е можна почеста појава на одрони.