Маја Блажеска со две момчиња била видена кај манастирот „Свети Илија“

Маја Блажеска од селото Лешани, која неодамна беше пронајдена мртва откако повеќе од еден месец се водеше како исчезната, можеби била жива до пред две недели ако се потврдат сомневањата на очевидец кој за „Дневник” тврди дека ја видел во манастирот „Св. Илија” на седум километри од селото Велмеј.

Домарот, чиј идентитет Дневник не го открива, вели дека девојката била во придружба на двајца млади и оти заминала со џип откако дваесетина минути поминала во манастирот.

„Ја видов Маја на 22 декември во манастирот. Беше попладне. На капијата на манастирот од охридската страна имаше паркиран руски џип со церада, а во него седеше возачот облечен во маскирна ловечка униформа. По неколку минути откако го забележав првиот џип дојде уште еден, овој пат џип „нисан” со кафеникава боја од кој излегоа две момчиња и девојката која подоцна се сетив дека е Маја. Момчињата беа на возраст од 20 до 30 години, а девојката имаше црни фармерки и косата ѝ беше во опавче“ – се сеќава еден од домарите на манастирот „Св Илија”, пишува Дневник.

Маја кон крајот на годинава исчезнала од дома двапати откако наводно запознала момче на „Фејсбук”. Првиот пат била вратена дома по што нејзиното расположение било видно влошено, а кон крајот на ноември исчезна пак  по што на почетокот од јануари беше пронајдена мртва. Непознато е кога таа загинала, дали била сама и како се нашла на планината каде што е најдено нејзиното тело.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.