Македонија

Маја е добро, мажот кој ја повреди е непожелен во МКЦ и кино Милениум

Маја е добро, мажот кој ја повреди е непожелен во МКЦ и кино Милениум

Младинскиот културен центар во Скопје се огласи по повод несреќата што се случи за време на концертот на бендот „Сепултура“ на 9 јуни во Скопје, кога врз студентка од 5,5 метри височина падна човек што се качил на држачот за рефлектори.

„Младата студентка Маја, која пред три дена беше повредена на концертот во ЈУ МКЦ, вчера, во добра здравствена состојба го напушти Клиничкиот центар и замина во својот дом во Битола. Во изминатите денови, МКЦ заедно со семејството на Маја и лекарскиот тим бевме фокусирани на закрепнувањето на Маја, бидејќи здравјето на Маја беше единствениот приоритет. Токму од овие причини, свесно ги одбегнувавме сите коментари и шпекулации што кружеа во јавноста. МКЦ искрено жали за немилиот настан. И покрај фактот што не бевме организатори на настанот, како на овој, така и на сите останати настани во МКЦ, секогаш, без исклучок, безбедноста на граѓаните и изведувачите ни е на прво место. Би сакале да истакнеме, дека и од страна на организаторот на овој концерт, истото беше апсолутно професионално почитувано и спроведено. Во овој контекст, индивидуата што го предизвика овој инцидент јавно ја прогласуваме за непожелна на сите настани во ЈУ МКЦ и киното Милениум. Нему, но и на сите други што нема да ги почитуваат нашите безбедносни правила и прописи, исто така ќе им биде забранет влез на настаните во ЈУ МКЦ и киното Милениум“, се вели во соопштението на МКЦ.

На 9 јуни околу 23.30 часот, пред концертот на „Сепултура“, гостин од публиката се качил на метален држач за рефлектори, но во еден момент изгубил рамнотежа и паднал од 5,5 метри височина. Паднал директно врз девојката, по што станал и си заминал.

Битолчанката со брза помош веднаш беше однесена во Ургентниот центар.