Маја Иванова им подари новогодишни пакетчиња на пациентите во Клиниката за детски болести

Сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова денеска ја посети Клиниката за детски болести во Скопје и на децата, кои се лекуваат на клиниката им подели новогодишни пакетчиња по повод новогодишните и божиќните празници.

„Традиционално, последниот ден од годината го поминувам со децата кои што се хоспитализирани на Детската клиника во Скопје и за жал новогодишната ноќ ќе је пречекаат овде. Новогодишните подароци што денеска им ги дадовме барем за миг ќе ја вратат насмевката и радоста на детските лица. Посетите на детската клиника ми се секогаш драги, затоа што сум овде за да поддржам, да поттикнам или да се вклучам во реализација на некој проект којшто значи подобрување на здравствената заштита на децата во Република Македонија“, рече Иванова.

Во 2013 година беше покровител на Националната донаторска кампања под мотото „Да помогнеме навреме”, со која со целосна поддршка на Турската меѓународна агенција за соработка и развој-ТИКА, беше изграден Ургентниот центар на Клиниката за детски болести.

Под покровителство Иванова и со поддршка на ТИКА, годинава се финализираше и проектот за реновирање и опремување на Одделот за интензивна нега во рамките на Детската клиника, со кој се обезбеди нов и реновиран простор, најсовремена и модерна опрема и мебел, по сите најсовремени стандарди, со што се подобрија условите на Детска клиника и за буквално најмалите пациенти.

„Горда сум на овие два проекта, затоа што уште еднаш ќе потенцирам дека се одвиваа под мое покровителство и дека интензивната нега и детскиот ургентен центар можеме слободно да кажеме дека претставуваат едни од најубавите во овој регион“, рече Иванова.

По повод Новата 2018 година Иванова упати честитки до родителите на децата, до персоналот на Детската клиника и до медиумите.

„Да ви пожелам добро здравје среќа радост и успеси и се надевам дека секогаш од оваа клиника ќе имаме успешни приказни, дека децата се оздравени и се вратени кај своите семејства во прегратките на своите родители и во училишните клупи“, порача сопругата на претседателот на Република Македонија.

 

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.