Мајк Ли: Aмериканската амбасада во Македонија ја злоупотребила својата положба

Американскиот сенатор Мајк Ли го повика државниот секретар на САД Рекс Тилерсон темелно да го реформира Стејт Департментот и да ја запре праксата на водење штетна надворешна политика со мешање во внатрешните работи на држави како што е Македонија.

Сенаторот Ли зборуваше во фондацијата Херитиџ во Вашингтон, каде остро го осуди финансирањето на крајно левичарски организации поврзани со Џорџ Сорос во Македонија со пари од американските даночни обврзници и рече дека со тоа Aмериканската амбасада во Македонија ја злоупотребила својата положба. Зборувајќи во водечката конзервативна фондација во САД, сенаторот Ли ја пофали Македонија како држава која спровела пазарни, конзервативни реформи, и додаде дека тоа е причината што земјата се нашла на удар на лево ориентираната администрација на претседателот Барак Обама, со неприфатливо ниво на мешање во македонските внатрешни работи.

– Конзервативците од земји како Македонија, Полска и Албанија се најдоа најмногу оттуѓени од страна на САД по инаугурацијата на Обама во 2009 година. Левичарските кадри во Стејт Департментот велат дека финансирале рутински програми за ширење на демократијата и поддршка на човековите права, но граѓаните на овие земји во овие проекти гледаат добро платен странски активизам кој ги поткопува нивните легитимни влади и традиционалните вредности на нивните земји со промовирање на левичарски политики и левичарски политичари. Нема сомнеж дека нивните забелешки се валидни, особено ако имаме предвид дека Стејт Департментот и УСАИД им даваат милиони долари собрани од американските даночни обврзници на организации во Источна Европа кои се поврзани со добро познати левичарски активисти како Џорџ Сорос и неговата Фондација Отворено Општество. Џорџ Сорос воопшто не крие дека поддржува одреден вид левичарски политики. Ова создаде проблеми за САД кои се многу поголеми од прашањето какви принципи сакаме да промовираме во светот. Македонија денес е вовлечена во политичка криза која во голема мерка беше предизвикана од надворешното мешање во нејзините внатрешни работи и во нејзините домашни политички прашања. Кризата ги продлабочи политичките поделби во земјата и се заканува да потпали меѓуетнички тензии. Вакви кризи претставуваат отворена покана за опортунисти како Владимир Путин, кој може дополнително да ги потпали поделбите и активно да се обиде да ги придобие граѓаните кои сметаат дека биле предадени и напуштени од страна на САД. Американската надворешна политика би требало да ги засилува дипломатските партнерства и да ја подобри нашата безбедност. Но, промовирањето на левичарски политики преку нашите програми за странска помош придонесува наши потенцијални сојузници да отидат кон наши геополитички ривали. Тоа му овозможи на Владимир Путин да постигне низа надворешно-политички победи, и тоа по многу ниска цена, изјави сенаторот Ли.

Ли предводи група од шест сенатори кои побараа од Стејт Департментот да изврши ревизија и истрага во Амбасадата во Скопје за оправданоста на голем дел од проектите за меѓународна помош. Седум членови на Претставничкиот Дом, предводени од Кристофер Смит, исто така, упатија слични барања за истрага и побараа разрешување на амбасадорот Џес Бејли. Фондацијата Херитиџ, која вообичаено е главен расадник на кадри и промотор на политики за републиканските администрации, инсистираше на што поскоро менување на дипломатите во Стејт Департментот оставени од администрацијата на Барак Обама и нивна замена со функционери кои ќе ги спроведуваат политиките на новиот претседател Доналд Трамп. Но, досега само мал број од стотиците испразнети места во Стејт Департментот се пополнети. Сенаторот Ли рече дека, по упатеното барање за ревизија на работата на Стејт Департментот, тој и неговите колеги се соочиле со игнорантски однос на дипломатите останати од администрацијата на Обама, како и со обиди нивниот повик да биде прогласен за руска пропаганда. Неколку написи со таква содржина беа објавени во Политико и во Форин Полиси, а во еден од нив беше цитиран и амбасадорот Бејли.

– Поради изразите на загриженост за досегашната американска политика кои ги слушнавме од странски претставници на кои им веруваме, и тоа не само од Европа туку и од целиот свет, јас и пет мои колеги се обративме до државниот секретар Рекст Тилерсон во март барајќи да ги преиспита средствата кои се издвојуваат под ставката ‘ширење на демократијата и човековите права’ и да ги запре сите проекти кои може да им штетат на нашите национални интереси. Првичниот одговор на Стејт Департментот беше игнорантски и тие одбија да ни ветат дека ќе спроведат таква ревизија. Место одговор, актуелни и поранешни претставници на организациите на Сорос пласираа стории во медиумите со цел да не обвинат дека сме агенти на Кремљ, само затоа што сме го критикувале Стејт Департментот. Оваа епизода многу прецизно илустрира зошто е неопходно Конгресот и администрацијата на Доналд Трамп да ги скршат бирократските пречки со кои сме соочени во нашата сопствена Влада. Овие пречки спречуваат реформирање на Стејт Департментот. Инаугурацијата на претседателот Трамп најави нова ера во американската дипломатија. Не само што се засилија традиционалните републикански политики, но претседателот Трамп вети дека ќе ја смени насоката на надворешната политика, и место промовирање на глобалистичката левичарска агенда, Стејт Департментот ќе биде алатка на нашата Република да се промовираат слободите и интересите на американските граѓани, како што беше и првично замислено, изјави сенаторот Ли.

Мајкл Фернандез од Херитиџ фондацијата се согласи дека односот на САД кон Македонија во времето на претседателот Обама бил обележан со неприфатливо ниво на мешање во внатрешните работи на земјата и обиди преку Амбасадата да се решава кој ќе ја формира македонската Влада.

– Јас верувам дека амбасадорот Бејли е добар Американец, но не се согласувам со него. Сметам дека неговото мешање во формирањето на владејачката коалиција е нешто во што американската Влада не би смеела да се меша. Ние не сме кралеви на Македонија, изјави Фернандез.

Повеќе други учесници во дебатата укажаа на програми на Стејт Департментот за финансирање на слични, лево-ориентирани програми во други држави во светот, како Ирска, каде се финансирале организации на Сорос кои работеле да се сменат законите за абортус.

За време на вчерашниот настан во фондацијата Херитиџ група левичарски демонстранти се собраа да протестираат против предлог-буџетот изготвен од ескпертите на оваа фондација, и упаднаа во фоајето на фондацијата.

Во Вашингтон во тек е процес на подготвување на новиот буџет, и според првичниот предлог на претседателот Трамп, средствата за УСАИД и Стејт Департментот за соработка со разните невладини организации и промовирањето политики ќе претрпат драстично намалување. Трамп дури ја отвори можноста за целосно укинување на УСАИД и негово спојување со Стејт Департментот. Укажувањето на злоупотреби на досегашните програми во земји како Македонија, Албанија, Ирска или Кенија се користи како аргумент плус од поддржувачите на идејата за кратење на овие ставки во буџетот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.