Македа и официјално во Вардар следните три сезони

По Алекс Душебаев и Арпад Штербик, во Вардар стигнува и трет репрезентативец на Шпанија, десниот бек Хорхе Македа (27) кој потпиша тригодишен договор со скопјани. Македонскиот клуб официјално по потврди ангажманот на десниот бек кој по три сезони поминати во француски Нант доаѓа во Скопје.

Шпанската линија во Вардар ја држи и стручниот штаб каде се Раул Гонзалез и неговиот помошник Дејвид Дејвис Камара.

Новото засилување зад себе има клупско искуство со играње во Барселона, Арагон и Нант. Македа ја засилува позицијата десен бек каде сезонава најголемиот товар падна на Алекс Душебаев. Двојката продолжува во иднина, а Стефан Терзиќ и Владимир Петриќ заминуваат од клубот откако им завршија договорите.

Искусниот Македа зад себе има и медали од ЕП и СП, како дел од репрезентацијата на Шпанија. Од последното СП во Катар, Македа се врати со освоено четврто место, исто како и на ЕП 2012 година во Србија. Бронзен медал има од ЕП 2014 година во Данска, и од СП 2011 година во Шведска. Освои златен медал со Шпанија на СП 2013 година. Беше дел од Олимписката репрезентација на Шпанија во 2012 година и го освои седмото место.

За репрезентацијата на Шпанија има одиграно 102 натпревари и постигнато 252 гола. За младинските селекции на Шпанија, до 19 и 21 година има настапувано на неколку ЕП и СП

На клупски план, Македа со Нант играше на Ф4 турнирот во ЕХФ Купот (2012/2013), со Арагон стигна до полуфиналето на КПК (2011/2012). Во почетокот на кариерата настапувал за Барселона, и има настапи во ЛШ, и два постигнати гола во сезоната 2006/2007.

Тој е четвртото засилување за следната сезона за Вардар по Дејан Манасков, Александар Деревен и Мијајло Марсениќ. Во меѓувреме клубот ги продолжи договорите и со Стојанче Стоилов, Алем Тоскиќ, Филип Лазаров, Матјаж Брумен и Алекс Душебаев.

Извор: Спортмедиа.мк

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.