Магазин

Македонци ќе туркаат автомобил за Гинис

Македонци ќе туркаат автомобил за Гинис

„Најголема далечина помината со туркање автомобил од двајца луѓе за време од 24 часа“ е предизвикот на Александар Чекоров и Александар Смилков кои во сабота во салата на Спортскиот центар Форца ќе се обидат да го урнат сегашниот Гинисов светски рекорд кој во моментов изнесува 82,4 километри.

Чекоров е речиси 20 години во маратонското и ултрамаратонското трчање, првиот македонец што има истрчано 100 километри и се уште држи македонски рекорди на 6-дневната (558км) и 10-дневната ултрамаратонска трка (890км). Смилков повеќе години е активен во фитнесот и е маратонец.

Автомобилот ќе се турка на кружна патека во салата. За регуларноста на настанот и запазување на правилата поставени од Гинис ќе се грижи седумчлена комисија од неколку судии од Атлетската федерација на Македонија и истакнати спортски работници и спортисти. Настанот ќе биде документиран со 24 часовно видео, фотографии и записник од страна на судиската комисија.

По планираното соборување на рекордот сите доказни материјали се праќаат до Гинис каде во следните неколку недели се верификува постигнатото.