Македонци од Австралија испратија протестни писма до амбасадорите на САД и европските земји

Повеќе македонски организации од Западна Австралија испратија писмо до амбасадорите на САД и на низа европски држави во Австралија, во кое се изразува гнев и протест против мешањето во внатрешните политички прашања на Македонија, објави МИА.

„Американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, во соработка со Стејт Департментот, продолжи да дава отворена поддршка на албански сепаратисти и екстремисти, со што се дестабилизираат Македонија и целиот балкански регион. Албанското малцинство во Македонија, кое сочинува помалку од 20 проценти од населението, веќе има права и слободи како ниту едно друго малцинство во светот. Етнички Албанци редовно држат високи позиции во владите, вклучително и министерски места, слободоно го учат и зборуваат албанскиот јазик во училишта и универзитети и слободно ја практикуваат својата исламска вера и култура. На Македонија со сила и се наметнува ‘албанската платформа’, документ напишан во Тирана и доработен на Косово, која нема врска со човековите права, туку претставува дрзок обид за долгорочно создавање на Голема Албанија од страна на овие сепаратистички сили. Во која друга држава во светот им се дозволува на поранешни терористи да држат министерски позиции, вклучително ресорите за одбрана, внатрешни работи и Спикер на Собранието? Се надеваме дека со изборот на претседателот Доналд Трамп, САД ќе почнат да спроведуваат покоректна и прогресивна политика кон балканскиот регион, кој беше соочен со катастрофално пристрасно мешање во периодот на Клинтон и Обама”, пишува во писмото упатено до амбасадорот на САД во Австралија Џејмс Карузо.

Писмото е потпишано од Крис Ангелков, во име на Македонската Заедница на Западна Австралија и повеќе други македонски организации од овој дел на Австралија. Писма со слична содржина се испратени и до амбасадорите на Германија, Франција, Швајцарија, Хрватска, Унгарија, Романија и Словенија.

Во писмото се додава дека американскиот Стејт Департмент е добро информиран за деградирачкиот статус на македонското малцинство во Грција и Бугарија, кои двете се членки на Европската Унија, како и во Албанија. Притоа, се вели дека Македонија и Македонците биле добри пријатели на Соединетите Американски Држави од прогласувањето на независноста во 1991 година, но сега се соочуваат со агресивни притисоци од страна на САД кои со своето однесување го охрабруваат создавањето на Голема Албанија.