Македонци од Мелбурн донираа за Одделението за геријатрија во Охрид

Членовите на Охридското социјално друштво „Св. Наум“ од австралискиот град Мелбурн, преку донација денеска за штитениците на Одделението за геријатрија во Општата болница во Охрид организира традиционален Велигденски ручек, пренесува МИА.

Нашинците од Мелбурн по повод големиот празник на Христовото Воскренение – Велигден за 50-тина највозрасни пациенти во Охридската болница организираа богата трпеза со традиционална македонска храна, а празничниот ручек беше збогатен со музиката на охридскиот ансамбл за народни песни „Билјана јуниор“.

– Ручекот за Велигден за лицата сместени во Одделението за геријатрија го организиравме со цел да им посветиме внимание и да им го разубавиме празникот на највозрасните пациенти згрижени во Охридската болница. На овој начин, иако оддалечени илјадници километри, ги одржуваме врските со Охрид, родниот крај, нашата библиска земја Македонија“, изјави за МИА, Васко Ангелоски, претседател на Охридското социјално друштво „Св. Наум“ од Мелбурн.

Тој најави дека традиционалната помош за лицата во Одделението за геријатрија при Охридскиот медицински центар, за Охрид и Охриѓани, што се реализира преку несебична поддршка и помош на поединци, главно иселеници од охридскиот крај во Австралија, ќе продолжи и во иднина.

Македонските иселеници во Мелбурн и досега организирааа и реализираа слични донаторски активности, како што беше Божиќниот ручек за штитениците ов Геријатрија во Охрид, бројни донации во облека, постелнина, душеци против декубитус, опрема за потребите на одделнието, како и 50 инвалидски колички за Општата болница во Охрид, ортопедски помагала, специјални кревети, апарати за притисок, подвижни медицински комплети, финансиски средства.

Грижата за родниот град и охриѓани на македонските иселеници од Мелбурн ќе продложи и со донација предвидена за најмладите инвалидизирани лица и деца по посебни потреби во Охрид, преку донирање средства за изградба на Дом за стари лица во рамки на Охридската болница.

фото: Региони

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.