Македонците најмногу пијат пиво

Околу 44 проценти од луѓето на возраст меѓу 25 и 54 години конзумираат пиво, а околу 30 проценти од лицата на возраст од 15 до 34 години конзумираат газирани и негазирани сокови, додека само 14 проценти од младите не конзумираат сокови, покажува истражувањето на агенцијата „Брима Галуп“ за потрошувачките навики на конзументите на пиво и безалкохолни пијалоци во Македонија.

Слободан Медаровски од агенцијата „Брима Галуп“, во рамки на денешната интерактивна „Talk In Business“ конференција за пива, радлери и безалкохолни пијалоци „Што ќе се напиете, пиво, сок или вода“, во организација на магазинот ИнСторе – Македонија, нагласи дека околу 40 проценти од домаќинствата купуваат во мали мини-маркети, а 25 проценти во големи супер-маркети.

Интересно е дека 41 процент од популацијата пијат светло пиво, додека 51 процент не пијат пиво. Околу десет проценти од домаќинствата во Македонија имаат залиха на пиво во секое време, додека околу 32 проценти никогаш не купуваат пиво, истакна Медаровски.

Тој нагласи дека околу 30 проценти од испитаниците се редовни конзументи на газирани сокови, односно пијат скоро секој ден или 4-5 пати во неделата и во најголем дел е концентрирана кај помладата популација. Околу 22 проценти од испитаниците не конзумирале газирани сокови минатиот месец, а 17 проценти не конзумирале негазирани.

Според Драган Теодоровиќ од агенцијата „Нилсен ритеил“ од Белград, минатата година во Македонија се продадени 44 милиони литри пиво, радлер и безалкохолно пиво во вредност од 3,2 милијарди денари.

Од нив 99 проценти е алкохолно, а само еден процент безалкохолно пиво. Во однос на минерална вода, вкупната продажба на газирана и негазирана е 66 милиони литри. Од нив на газирана отпаѓа 56 проценти од продажбата, додека 44 отсто е негазирана вода. Истражувањето се однесува само на класична малопродажба, односно продажба на стока до краен потрошувач, истакна Теодоровиќ.

Интерактивни „Talk In Business“ конференции се одржуваат еднаш месечно и на секоја средба се обработува одредена категорија производи од ФМЦГ-секторот.