Македонците од Голо Брдо бараат настава на македонски во Требиште

Македонците од Голо Брдо, преку друштвото „Илинден“ и разгранокот на оваа асоцијација за областа, доставија барање  до албанската министерка за образование Линдита Никола да се овозможи настава на македонскиот јазик во деветолетката „Десет покојници“ во селото Требиште, пренесеува МИА.

Во барањето поткрепено со петиција потпишана од околу двеста родители, се наведува дека на децата мајчин јазик им е македонскиот и оти се до поаѓање на училиште тие го знаат само македонскиот, а албанскиот почнуваат да го учат на училиште.

– Македонското малцинство во Голо Брдо било признато од албанската држава до 1949 година, што го потврдуваме со издадени документи од тој период во кои е запишана и нивната националност – Македонци. Наведуваме исто така дека до тогаш имало и училиште со целосна настава на македонски, – вели Или Халилај претседател на разгранокот на друштвото за Голо Брдо.

Имајќи го во предвид досегашното искуство и од овој нивен чекор тој не се надева многу. Потсетува дека на сите барања до сега не добиле позитивен одговор, па дури албанската влада не го реализирала и ветувањето дека македонскиот јазик од минатата учебна година ќе се изучува како наставен предмет од седмо одделение.