Македонците оптимисти за новата 2014-та година

Вкупно 37 отсто од граѓаните очекуваат дека новата 2014-та ќе биде подобра од веќе претходната 2013-та, 31 отсто сметаат дека ќе биде иста, а за 26 отсто ќе биде полоша, покажуваат резултатите од истражувањето на „Брима“, членка на „Брима Галуп Интернешнл“.

Станува збор за студија та „Крајот на годината“, со која што се опфатени 65 земји, меѓу кои е и Македонија. Во Македонија спроведена е теренска анкета на репрезентативен примерок од 1.214 испитаници од осми до 14-ти ноември 2013 година. 

На глобално ниво, речиси 50 отсто од испитаниците се оптимистички настроени за 2014 година споредено со 2013 и имаат попозитивен поглед во однос на економскиот просперитет. САД, Канада и Австралија се земји каде што луѓето би сакале да живеат доколку би имале можност. Америка се смета за најголема закана за мирот во светот, втор е Пакистан, а трета е Кина. Над една третина од анкетираните веруваат дека светот ќе биде подобро место за живеење ако имаше повеќе жени политичари.

На прашањето дали се чувствуваат како среќни, 47 отсто се изјасниле позитивни, осум се сметаат за несреќни, а 43 отсто се неопределени по тоа прашање.

Во врска со економскиот напредок за 2014 година очекувањата на граѓаните се скоро подеднакво распределени. На глобално ниво 33 отсто се изјаснуваат дека ситуацијата ќе остане иста, 32 отсто веруваат дека годинава ќе биде просперитетна, а 30 отсто, пак, дека ќе биде година на економски проблеми. Во Македонија 26 отсто од испитаниците сметаат дека годинава ќе биде година на економски просперитет, 33 отсто дека ќе биде со економски потешкотии, а 34 проценти се изјасниле дека ситуацијата ќе остане непроменета.

На светско ниво поголемиот дел од луѓето 38 проценти се изјасниле дека се среќни што живеат таму каде што се во моментот. Оваа бројка е иста со западноевропскиот регион каде 38 отсто од анкетираните одбрале да живеат таму каде што се. Во Македонија резултатите по ова прашање покажуваат дека сме близу до европскиот просек и кај нас изнесува 34 отсто. Оние пак што би сакале да живеат во други земји во светот САД се најпосакувана дестинација (9 проценти), Канада и Австралија се на второ место (7 проценти), а Швајцарија е трета (6 проценти). Македонските граѓани, пак, во најголем процент би сакале да живеат во Германија (16 проценти), следи Швајцарија (13 проценти), а во еднаков процент (6) како дестинација ги одбираат Австралија, САД и други земји.

Најголем дел, односно 24 проценти од испитаниците во светот САД ги прогласија за земја што претставува најголема закана за мирот во светот денес. По нив следат Пакистан (8 проценти) и Кина (6 проценти). Во Македонија 30 проценти од граѓаните сметаат дека САД претставуваат најголема закана за светскиот мир.

На прашањето дали светот ќе биде подобро место за живеење ако политичарите беа претежно жени, 34 отсто од анкетираните на глобално ниво одговориле потврдно, додека 41 отсто сметаат дека нема да има разлика, а за 17 отсто дека ќе биде полошо. Во Македонија 39 отсто од испитаните граѓани сметаат дека светот би бил подобро место за живеење доколку политичарите би биле жени, 19 проценти не се согласуваат со тоа, а 35 проценти дека не би имало разлика.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.