сабота, 26 ноември 2016  |  Вести денес: 0

Македонците попрво би имале сопствено отколку изнајмено живеалиште

Цените на недвижностите во Македонија остануваат стабилни со блага надолна корекција. Понудата на станови бележи раст, а населението повеќе преферира да има сопствено живеалиште, наспроти изнајмено, но и да не го менува местото на живеење.

132827704

Последни вести

Тие податоци беа изнесени денеска на Првата конференција за инвестиции во недвижности во Македонија, во организација на он-лајн аукциската куќа за недвижен имот Е-аукција.мк и консултантската компанија Knowledge center.

– Во посткризниот период во Македонија и во останатите држави од Централна и Југоисточна Европа се јавува процес на блага надолна  корекција на цените на недвижностите, односно генерално може да се каже некоја стагнација бидејќи процесот на надолно прилагодување кое се случува кај нас е понизок во споредба со  останатите држави, изјави вицегувернерот на НБРМ Анита Ангеловска Бежоска.

Таквите движења, оцени, се рефлексија на повеќе фундаментални фактори кои ги детерминираат движењата на цените на недвижностите и на страната на понудата и на побарувачката. Еден од клучните фактори на страната на побарувачката покрај расположливиот доход е и кредитната  поддршка, која во целиот посткризен период останува солидна благодарение на здравоста и солвентноста на  банкарскиот систем,  но и на стимулот кој доаѓа од монетарната политика поттикнувајќи солиден тренд.

На тие констатации  упатуваат и индексите на Централната банка кој е фокусиран на живеалиштата во Скопје и на Државниот завод за статистика  кој се однесува за целата територија но само на ново изградените живеалишта.  Индексот на статитика покажува дека во предкризниот период цените на становите пораснале за 85 проценти, а во посткризниот период има надолна корекција од 17 проценти. Со слична констатација е индексот на Централната банка, односно 62 проценти  пораст во предкризниот период, а речиси да нема надолна корекција во посткризниот период.

Според процената на НБРМ, понудата на станови во последните 13 години во Македонија бележи солиден раст од 10 проценти. Најсилен раст на понудата има во Скопскиот и Полошкиот регион.

– Во сите региони растот на состојбата на станови е побрз од растот на населението, односно соодност  на  состојбата на станови и бројот на населението е повисок што упатува на можеби прекумерна понуда или ефект на богатство, каде становите веќе се позначаен инструмент на инвестирање на населението, рече  Ангеловска Бежоска.

Податоците од анкетата на Австриската централна банка, пак, покажуваат дека учеството на сопствените живеалишта наспроти изнајмените во вкупниот станбен фонд е високо во сите држави во регионот, вклучително и во Македонија. Во просек учеството е околу 80 прoценти во земјите од Централна и Југоисточна Европа, наспрoти 67 во земјите  од еврозоната. Тоа може да се објасни како последица на транзицискиот процес, приватизацијата, денационализација, неразвиеноста на тн. сегмент на  рента хаус, но и како вообичаeн начин на обезбедување дом.

Гледано од макроекономска перспектива,  според вицегувернерката Ангеловска-Бежоска,  тоа може да упатува на одредена намалена мобилност на населението и одредена ригидност на пазарот на трудот.

Околу 50 проценти од сопствениците на станови во анкетата се изјасниле дека преферираат да останат во местото каде живеат и се подготвени да ги намалат останатите трошоци наместо да го менуваат местото на живеењеВо Македонија 30 проценти од испитаниците никогаш не го промениле местото на живеење, највисок процент во регионот, што, исто така дава индикација за одредени ригидности на пазарот на недвижности.

Анализата на видот на живеалишта во сите држави во регионот, покажува дека доминираат куќите како живеалишта, наспроти становите, со тоа што во Македонија  овој процес е најизразен и најдоминантен.

Како што информира директорот на Агенцијата за катастар на невдижности Славче Трпевски со регистарот на цени и закупнини, што Катастарот го воведе во март лани, во Македонија се регистрираат сите трансакции и закупнини и нивната вредност. На секои шест месеци се издава публикација со трендот на цените на недвижностите, а новата треба да биде објавена за две недели.

Најчитани вести