Македонците во Мала Преспа и Голо Брдо ќе ја дочекат Нова Година без струја

Снежната покривка и поларните температури кои ја зафатија Албанија ги отсече областите населени со Македонско население а некои од нив останаа и без електрична енергија.

Областа на Голо Брдо поради обилните врнежи на снег е целосно изолирана, руралните патишта се непроодни, освен ниските температури кој стигаат до -17 степени, проблем преставува и прекинот на електричната енергија поради урнатите бандери и искинатите жици.

Бесник Хасани, претседател на македонското друштво „МОСТ“ од Требиште за весникот Македониум изјави дека сите патишта во општините, Требиште, Острени и Стеблево во областа на Голо Брдо се блокирани и дека единствено прооден е патот од Требиште до граничниот премин Требиште-Џепиште.

– Снегот и ниските температури ни донесоа големи проблеми и освен тоа четири дена сме без струја и незнаеме кога надлежните институции ќе ги поправат дефектите. Добро што е прооден патот до граничниот премин Требиште-Џепиште па така барем жителите на селото Требиште можи да одат во Дебар да пазарат и да ги наполнат мобилните телефони, изјави Бесник Хасани за весник Македониум.

Поради обилните врнежи на снег во Општина Пустец, областа на Мала Преспа, урнати се неколку бандери и искинати се жиците кај с.Туминец и с.Зрноско па така три дена нема електрична енергија. Надлежните институци не превземаат ништо за поправање на дефектите бидејки се ангажирани во други општини во Корчанскиот округ каде што има прекин на електрична енергија и не се знае кога Мала Преспа ќе се снабди со електрична енергија.

Националнот пат Семблак-Горица кој минува низ Мала Преспа е исчистен од снегот, собраќајот се одвива нормално кон Корча и Република Македонија, освен во делот на Бигла, каде патот е замрзнат и неопходно е возилата да користат зимска опрема односно синџири за минување на овој дел.

Во областа Гора во округот на Кукс престанаа врнежите од снег и од денеска прооден е патот од градот Кукс до центрите на општините Шиштавец и Запот, додека руралните патишта помеѓу селата во општините Запот и Шиштавец во областа Гора се блокирани.

Снежното невреме кое ја зафати Албанија отсече повеке региони и остави без струја повеќе општини во северниот и југоисточниот дел од земјата.