Македонија

Македонците во Словенија со низа бенефиции ако работеле во двете држави

Македонците во Словенија со низа бенефиции ако работеле во двете држави

Македонски државјани кои привремено живеат и работат во Словенија и словенечките граѓани во Македонија ќе имаат право на социјално осигурување, пензија и детски додаток на чпеновите на нивните семејства, доколку работат или работеле во една од двете држави. Ова се предвидува со Договорот за изменување и дополнување на Договорот за социјално осигурување меѓу Република Македонија и Република Словенија што денеска го ратификуваа пратениците на 17. собраниска седница, пренесува МИА.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими појаси дека со Договорот за социјално осигурување меѓу Македонија и Словенија се овозможува остварување на правото од социјално осигурување, пензија, детски додаток на членовите на нивните семејства, доколку работат или работеле во една од двете држави.

– Со овој договор се остваруваат правото на старосна, семејна и инвалидска пензија, здравствено осигурување за работници и корисници на пензија, како и за членовите на нивните семејства, право на паричен надоместок за време на невработеност и право на детски додаток. Со постојниот договор се правото на паричен надоместок за врме на невработеност, детски додаток се исплаќа доколку граѓанинот има постојано живеалиште во Словенија. Измените се во однос на освтарување паричен надоместок и детски додаток и се прецизира дека право на паричен надоместок за време на невработеност и детски додаток ќе се исплаќаат и доколку лицата имаат привремен претстој во државата во која го стекнале ова право, рече Ибрахими.

Во делот на здравствената заштита тој информира дека одредбите од договорот регулираат можности за осигуреници од една во друга држава доколку се работи за итен случај, а не и за планирање. Планирано лекување се овозможува кога се исцрпени сите можности за лекување во неговата држава.

Пратеничката Светлана Јакимовска од ВМРО-ДПМНЕ Договорот го оцени како многу значаен за двете земји.

– За планирано лекување во Словенија на државјани на Македонија на нивни семејства, до сега овие случаи со основниот договор не беа влезени во предвид, но сега со измените и ратификацијата и планираното лекување ќе може, но под услов доколку во матичната држава се исцрпени сите можности за лекување, истакна Јакимовска.

Посочувајќи ја важноста на Договорот за македонските граѓани, кои живеат и работат во Словенија пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО – ДПМНЕ нагласи дека со измените овие права ќе може да ги уживаат повеќе од 15.000 граѓани на Република Македонија.

Ратификацијата ја подржа и пратеничката група на ДУИ, која според Муса Ибраими ќе се овозможи реализација на правото на социјално осигурување на граѓаните и членовите на нивните семејства доколку работат или работеле во една од овие држави.

Пратениците го донесоа и Законот за заштита и благосостојба на животните усогласен со европската законска регулатива. Законот, според пратеничката Магдалена Манаскова, го уредува начинот на третирање, односно одгледување, транспорт и други третмани на домашните животни.

– Со имплементацијата на одредбите би се добивале квалитетни прехранбени производи. Законот го уредува и начинот на третирање на животните што с ечуваат за научни цели и оние што се чуваат во зоолошки градини, рече Манаскова.

Смета дека дополнетито Предлог закон содржи голем број елементи за заштита на домашните и бездомните животни.

Лилјана Поповска пратеничка од ДОМ забележа дека невладиниот сектор ќе стане битен фактор за третманот на животните. Стерилизација на домашните миленичиња ќе биде на товар на сопствениците на миленичиња и во тој случај нема да има нови единки, кои најчесто сопствениците ги фрлаат на улица.

По редовната пауза пратениците ќе ја продолжат дебатата за изменувањето и дополнувањето на Законот за територијална организација на локалната самоуправа во Република Македонија. Интервенциите, како што информира пратеникот Илија Димовски, се однесуваат на исправање одредени технички грешки за одредени населени места.

Изменети се имињата на две општини Маврово-Ростуша, која технички е променета во Маврово- Ростуше и Дебарца во Дебрца по барање на локалното население.