Македонците во Велика Британија собраа 10.000 евра за децата со посебни потреби и за поплавените

Околу 10.000 евра се собрани како донација на Македонската хуманитарна гала вечер која во саботата вечерта во Лондон ја организираше Асоцијацијата на Македонците во Обединетото Кралство.
Парите подеднакво ќе бидат распределени на „Марко Поло“ – Здружение за деца со аутизам – Битола, Здружение за деца со посебни потреби и деца бездомници – Кавадарци, Здружение на деца со посебни потреби, деца со аутизам и Даунов синдром – Прилеп, Проект за слепи деца на Министерство за труд и социјална политика, како и за поплавените подрачја во Македонија, а парите ќе бидат префрлени на Црвениот крст на Република Македонија.

На гала вечерата имало околу 500 гости а присуствувале и министерот Диме Спасов и амбасадорот на Македонија во Обединетото Кралство, Јован Донев.

Ова е втора година по ред да се одржува ваков хуманитарен настан организиран од страна на Асоцијацијата на Македонците во Обединетото Кралство (АМУК). Оваа година бројката на гости е дупло зголемена за разлика од минатата година, а на Гала вечерта во саботата настапиле неколку музичари и група од Македонија – Аpply the Beat – Фил Мано, DJ One, саксофонистот Горан Папаз, Дани Димитровска, Нина Јанева и Бобан Мојсовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.