Македонец фатен со повеќе од 8 килограми хероин во Србија

Царинската управа на Србија вчера, околу 8 часот, при преглед на автомобил форд фокус, со македонски регистарски таблички запленила 8 килограми и 347 грама хероин, јави Танјуг.

Автомобилот го управувал македонски државјанин со албанска националност, а во автомобилот покрај него биле и неговата мајка, сопруга и двете малолетни деца.

На прашањето на царинарниците за причина за посета на Србија тој одговорил дека доаѓа од Скопје и дека мајка си ја носи во Бујановачка бања, по што ќе се врати во Прешево.

Но поради информациите што ги поседувала српската полиција, дека сопственикот на автомобилот се занимава со шверц на наркотици, автомобилот е прегледан на царинскиот скенер, при што е откриен бункер во пределот на менувачот.

Поради тоа бил направен детален преглед на возилото и пронајдени се 16 паковки хероин, чија вредност и чистота ќе биде утврдена со вештачење.

На сопственикот на автомобилот му е определен 48-часовен притвор, по што против него ќе биде поднесена кривична пријава.