Македонец во Грција ги брани членовите на Златна Зора

Македонец во Грција е адвокат на членови на Златна зора, што според луѓето со македонско потекло е крајно неморално и неетички е потегот на адвокатот  Танасис Тартис да ги брани најголемите расисти и непријатели, пишува денешен Дневник.

Македонец ќе ги брани Никос Михос и Kонстантинос Барбарусис од неонацистичката партија Златна зора. Тие се сослушувани поради учество во партијата, која се товари дека, всушност, е криминална организација. Тартис за „Дневник“ отворено зборува за оваа негова одлука, за неговите политички и професионални ставови, за тоа како се договорил со членовите на Златна зора, но и за тоа како е да си еден од најквалитетните адвокати во Грција, а да бидеш Македонец. Тартис инаку е активен член на партијата Виножито и нивен постојан правен застапник.

На осудите од Македонците дека застапува непријатели, Тартис за Дневник вели дека тој не ја преставува Златна Зора, туку само двајца членови.

„Kога ми беше понудено да ги застапувам, пред себе си го поставив прашањето „дали е ова правилно?“ Но мора да знаат и Македонците тука и оние во Македонија дека ова не е политичка соработка меѓу мене и Златна зора, само претставувам двајца, кои и не се високи функционери во партијата и од кои токму едниот е мој пријател уште од 1992 година. Што се однесува до мојата лична и политичка определба, веќе кажав за еден медиум дека јас посакувам политичка смрт за Златна зора. Но, јас постапувам како професионалец и адвокат. Ако се водам според моите убедувања, тогаш ќе бидам расист. Ги разбирам реакциите, но јас, освен овие двајца, застапувам и дилери, тешки криминалци, убијци, кривичното право е мојата област. Истото би го направил и доктор кога би требало да спаси живот на обичен човек и на убиец. Сигурно вистинскиот доктор нема да го остави убиецот да умре“, вели адвокатот.

И  првиот човек на грчкиот Хелсиншки комитет, Панајотис Димитрас испрати серија обвинувања, бидејќи тој предходно имал одбиено да ги застапува случаите од Хелсиншкиот комитет.

„Вистина е дека последните две години имав извесни проблеми со Панајотис, но отворено кажувам дека никогаш, ама никогаш не сум одбил ниту еден случај. Секогаш кога било побарано од мене, јас одговарам позитивно и никогаш не сум зел пари. Ова не го кажувам за да се оправдам себеси, но доколку Панајотис навистина има докази, тогаш јавно нека каже кој предмет и кога сум одбил да го застапувам“, вели тој за Дневник.

На прашањето на Дневник каков е неговиот став околу децениската „војна“ меѓу двата соседа, тој само вели „едно име имаме, во душава го носиме“, така може, треба и мора да остане, се` друго е бесмислено и самоуништувачко.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.