Македонија,Економија

Македонецот седум и пол месеци работи за себе

Македонецот седум и пол месеци работи за себе

Македонските и кипарските граѓани работат најмалку денови во годината за да ги исплатат давачките кон државата во споредба со своите колеги од другите земји во Европа, пишува Дневник. Така, просечниот македонски работник оваа година го прославил т.н. денот на даночното ослободување на 17 април, односно се до овој датум тој работел за државата, а потоа се што заработил завршило во неговиот џеб. Ова го покажува анализата на „Дневник“ поттикната од најновата студија на фондацијата „Њу дирекшн“ во соработка со економскиот институт „Молинари“ од Париз. Во ова истражување нема податок за земјава, но споредбата е правена со официјалните наши статистики.

Анализата покажува дека Македонија го зазема второто место во Европа, веднаш зад Kипар според висината на даночното оптоварување на платата. Kипраните работат за финансирање на владата до 21 март, односно 21,86 отсто од нивната годишна бруто-платата оди за државата. Овој просек кај нас е 31,7 отсто, а европскиот е 45,27 отсто. Најголемо даночно оптоварување има во Белгија каде што давачките за плата зафаќаат речиси 60 отсто од заработувачката, односно просечен Белгиец работи дури до 6 август за да ги исплати давачките и придонесите кон државата.

„Точно е дека имаме меѓу најниските давачки за плата и тоа испраќа политичка и економска порака до странските инвеститори за поволноста да се води бизнис во земјава. Но, исто така и македонските работодавци треба да се потсетат дека имаме најниско даночно оптоварување врз плата во регионот и во Европа и дека користат бенефиции со тоа. За нас тоа го олеснува начинот на водење на бизнис во земјава. Меѓутоа, кога би се вклопиле и други параметри за водење бизнис, во тој момент би имале најповолна бизнис-клима во споредба со другите земји во регион и пошироко,“ вели Миле Бошков од Бизнис-конфедерација на Македонија.

По Белгија, највисоко даночното оптоварување на работниците има во Франција каде што ден на даночната слобода е 28 јули, во Австрија е 25 јули, Унгарија 16 јули, Грција 14 јули, Германија 11 јули, Романија 1 јули, Италија 30 јуни, а во Шведска 23 јуни.

Најниски даноци, по Kипар, имаме ние, па Малта и Ирска каде што денот на даночното ослободување паѓа на 28 април, по што следуваат Велика Британија – 2 мај, Бугарија – 18 мај и Луксембург на 30 мај.

Анализата што ја правеше „Дневник“ покажува дека просечен македонски работник годишно заработува 6.087 евра (374.400 денари), од кои за социјални придонеси и персонален данок се одвојуваат 1.931 евра (118.800 денари), а на работникот годишно му останува чиста заработувачка од 4.156 евра (255.600 денари). Пресметката е правена кога од вкупните давачки или бруто-платата на годишно ниво ќе се одземе просечната годишна нето-плата. Претпоставките се дека од 365 дена во годината, околу 120 се неработни (празници и викенди). Kога од просечните 245 работни дена во годината ќе се извади процентот од 31,7 отсто колку што отпаѓа на даноците, излегува дека во Македонија таканаречениот ден на даночното ослободување е 77-от ден во годината.

Податоците од оваа студија покажуваат дека просечната бруто-плата во Хрватска е 14.014 евра годишно. На оваа сума на социјални придонеси платени од страна на работодавците отпаѓа 1.849 евра годишно, данокот на доход е 1.327 евра, а трошоците за социјалните придонеси изнесуваат 2.433 евра. На работникот, по сите давачки, му остануваат 8.405 евра годишно. Просечната бруто-плата во Белгија е 61.122 евра годишно, од кои по плаќањето на сите давачки кон државата, на работникот му остануваат 26.499 евра. По Белгија, највисоки плати имаат во Луксембург 58.952 евра (36.609 евра нето) и во Шведска (32.769 нето). Најниски во ЕУ се бруто-платите на Бугарите, 4.454 евра (2.975 евра нето) и на Романците 7.539 (4.116 евра нето).

ТРЕНД НА РАСТ ВО ЕУ

Според студијата, даночното оптоварување на просечниот работник во Европската Унија е во постојан раст, од минатогодишните 45,06 отсто на 45,27 отсто, односно се одржува овој растечки тренд од 2010 година, па наваму.

Европските аналитичари велат дека порастот од 1,28 отсто на даночното оптоварување во последните четири години е последица на порастот на данокот на додадена вредност во 19 земји-членки на ЕУ.

– Земјите-членки на ЕУ продолжуваат да трошат премногу, па поради тоа постојано растат даночните стапки во многу земји, посебно во Франција. Државите едноставно прават премногу и не оставаат многу простор за индивидуален избор и одговорност. Време е повторно да размислиме за нашиот модел – вели Сесил Филип, директорка на институтот „Молинари“ и коавтор на истражувањето.

Извор: Дневник