Македонија 36-та во светот за водење бизнис

Американскиот магазин „Форбс“ ја рангира Македонија на 36-тата позиција на листата со најдобри земји во светот за бизнис, на која годинава се најдоа 145 држави. Нашата земја годинава се искачи едно место погоре во споредба со лани, кога беше на 37-та позиција, пренесува „Дневник“.

Најдобра земја за бизнис годинава е Ирска, која првпат ја зазеде првата позиција. Веднаш зад неа е Нов Зеланд, кој лани беше прв, по што следуваат Хонг Kонг, Данска, Шведска, Финска, Сингапур, Kанада, Норвешка и Холандија. На последните три места се Мјанмар, Чад и Гвинеја.

Од земјите во регионот, подобро рангирана од Македонија е само Словенија на 17-тото место. Зад нашата земја се Бугарија на 42-то место, Црна Гора на 44, Хрватска на 45, како и Грција на 46то. Во втората половина на листата се Албанија на 81-та позиција, Босна и Херцеговина на 82 и Србија на 86. Интересно е што најмноќните светски економии не котираат премногу високо на листата. „Форбс“ ги стави САД на 14-тото место, Германија на 24, Јапонија на 28, а Kина дури на 94. место.

Магазинот секоја година ја составува листата според неколку критериуми, односно според остварените резултати на земјите во поглед на сопственичките права, иновациите, даночното оптоварување, технологијата, корупцијата, слободата (лична, трговска и монетарна), бирократијата, заштитата на инвеститорите и ефикасноста на пазарот на хартии од вредност. Според „Форбс“, Македонија најдобри резултати постигнала во монетарната слобода, за што е рангирана на 6. место, во бирократијата се наоѓа на 7. позиција, а во заштитата на инвеститорите е ставена на 16. место.

Најлоши резултати нашата земја покажала во поглед на иновациите, каде што е на 82. место, сопственичките права на 78, личните слободи на 69 и ефикасноста на берзата на 67. место.