Mакедонија-Балкански економски феникс

Раст на економијата, зголемување на платите на вработените и подобрување на животниот стандард на граѓаните се овозможува единствено со отворање на нови фабрики, нови работни места, зголемена конкурентност. Владата со привлекување на нови странски инвестиции и олеснување на работата на домашните компании, со намалување на давачките, создава поволна бизнис клима која позитивно влијае на положбата на вработените.

Со отворањето на нови фабрики се зголеми и цената на трудот, платите растат во постојните фирми, па така ако просечната нето-плата во Македонија во 2006 година изнесуваше 12.600 денари, денеска таа е зголемена за многу повеќе. Според последните податоци на Државниот завод за статистика, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во јануари 2014 изнесува 21. 327 денари.

Како резултат на владините политики во 2013 стапката на невработеност во Македонија се намали на 28,6 отсто што е историски најниско ниво во последниве 17 години, откако се спроведува Анкетата на работна сила, со 120 илјади нови вработувања.

Ова секако има позитивно влијание врз економијата на микро ниво, така што бенефитот од вработувањата како и зголемувањето на платите имаат позитивен ефект врз потрошувачките навики на граѓаните. Корист секако имаат сите стопански субјекти.

НАЈГОЛЕМАТА ИНТЕГРИРАНА ФАБРИКА ЗА ТЕКСТИЛ ЌЕ СЕ ГРАДИ ВО РАНКОВЦЕ

Покрај многуте најавени инвестиции вчера се објави најголемата инвестиција и според бројот на вработени и според висината на инвестицијата. Компанијата „Веибо груп“ ќе инвестира во технолошко-индустриската зона Ранковце и ќе стане главен работодавач во земјава, со 5.000 нови  директни вработувања и уште 1.000 до 2.000 индиректни вработувања за жителите на општините од североисточниот регион, Крива Паланка, Ранковце, Кратово и Куманово.

Фабриката која ќе се изгради на само 13 километри од Крива Паланка ќе биде најголемата интегрирана фабрика за текстил во Европа, со почетна инвестиција од 180 милиони евра и вкупна инвестиција од над 400 милиони евра. Изградбата, ќе започне во октомври годинава, а со производство се очекува да започне во 2015 година.

Тоа е голема работа за регионот имајќи предвид дека постои голема невработеност.

Притоа работат ќе најдат повеќе профили на невработени не само текстилни работници туку и комерцијалисти, сметководители, менаџери, шпедитери, надзорници, возачи, одржување и сервси.

Отворањето на новите фабрики, значи дека многу работа се отвора и за домашните компании кои работат за нив.

Најдобар пример е штипската фирма „Актива“ која ја почна изградбата на новата фабрика во која што ќе се произведуваат шасии за автобуси за белгиската фирма Ван Хол.

Соработката меѓу Актива и Ван Хол започна пред неколку години, кога оваа домашна компанија ја изгради фабриката на Ван Хол во индустриската зона „Илинден“.

Таа соработка продолжува на тој начин што сега „Актива“ гради нова фабрика со чие производство ќе ја опслужува оваа белгиска компанија.

Недамна премиерот Никола Груевски и владиниот економски тим поведоа иницијатива за средба меѓу домашните компании и странските иневститори во земјата, со цел подобрување на меѓусебната соработка.

Идејата е странските фабрики кои работат во земјата репроматеријалите да ги набавуваат од домашните компании и на тој начин да си ги скратат трошоците за транспорт. Од друга страна пак, нашите производствени компании ќе го подигнат кавлитетот на нивната работа и ако можат да опслужат странска компанија дома, тогаш ќе бидат поконкурентни и на странскиот пазар.