Македонија станува база за компаниите од автомобилскиот сектор

Македонија во очите на инвеститорите цврсто се позиционира како дестинација поволна за мултинационалните компании од автомобилскиот сектор, а доказ за тоа е вчерашниот официјален старт на производството на германскиот гигант „Маркарт“.

Десетина компании кои се сериозни играчи на глобалниот пазар на автомобилската индустрија, а се добавувачи на автомобилски делови за светски познатите брендови, веќе најавија инвестиции во Македонија и се во фаза на нивна реализација.

Истовремено, повеќето нови инвеститори кои ги најави Владата и тимот за привлекување странски инвестиции, доаѓаат токму од автомобилскиот сектор. Според експертите станува збор за една од најдинамичните индустрии во светот од која македонскиот пазар би имал многу придобивки, пишува Лидер.

Започна со работа фабриката на „Маркарт“

Фабриката на германски „Маркарт“ во велешката зона „Караслари“ се простира на 15 илјади квадратни метри, а досега компанијата инвестираше 25 милиони евра. Во фабриката веќе работат 170 вработени, а најавени се 600 вработувања.

Македонија станува база за компаниите од автомобилскиот сектор
Македонија станува база за компаниите од автомобилскиот сектор

Маркарт важи за еден од најголемите добавувачи на автомобилски делови во светот и нивниот влез во Македонија, уште повеќе го зајакнува имиџот како земја на автомобилската индустрија, смета премиерот Никола Груевски.

Во фабриката во Велес, ќе се произведуваат компоненти за реномирани германски и европски автомобилски брендови, како Мерцедес, БМВ, Ауди, Пежо.

Сопственикот најави трикратно зголемување на производствениот капацитет во следните шест години, како и потенцијал за две илјади вработувања. Планирани е инвестиција од над 35 милиони евра во Македонија. Фабриката почна да се гради во април, а одлуката за инвестирање беше објавена пред две години, во 2013-тата. Во конкуренција со Македонија биле две земји.

Македонија станува база за компаниите од автомобилскиот сектор
Македонија станува база за компаниите од автомобилскиот сектор

Фабриката на „Маркарт“ е една од низата фабрики кои во наредните години ќе го освежуваат индустриското знаење низ Македонија и ќе овозможат модерна иднина за граѓаните“ изјави министерот за привлекување странски инвестиции, Веле Самак.

Сите модерни техники кои носи оваа компанија бараат доста високо ниво на квалитет и знаење. Тоа е она што тие го детектираа во досегашните вработени во оваа фабрика, а се очекува до крајот на идната година, бројката да достигне до 400. Оттука прво ќе имаме зголемено знаење, зголемен извоз, а и влез во модерна електромеханичка производствена технологија, објаснува министерот Самак.

Инвестиции и развој за индустријата

Меѓу последните гиганти од автомобилската индустрија, кој најави влез на македонскиот пазар е американската компанија „Леар“. Инвестицијата ќе биде сместена во полошкиот регион, а тежи 15 милиони евра. Американската корпорација „Леар“ ќе произведува навлаки за автомобилски седишта. Во веќе постоечки објект во Гостивар до крајот на годинава инвеститорот најави ангажирање 150 до 200 вработени, до крајот на следната година 800, а по префрлање на инвестицијата во нов објект во ТИРЗ Тетово се очекува бројот на вработени да достигне 2.000, со потенцијал за 3.000 вработувања. Објектот во Тетово треба да биде готов до средината на следната година, а производството е наменето за сите големи европски автомобилски производители.

Американската компанија „Гентерм“ почна да ја реализира инвестицијата прилепската технолошко развојна зона. „Гентерм“ веќе вработил 154, а ќе вкупно планира да вработи 2.000 луѓе. Според плановите, наскоро треба и официјално да започне со работа. Компанијата има 8.600 вработени и подружници во Мексико, Кина и Украина. Во Прилеп ќе има нова производствена линија, а главни клиенти се Тојота, Фолксваген и БМВ. „Гентерм“ е пазарен лидер во производството на термални системи за автомобили и други уреди.

Германската „Акомппласт“ исто така во Прилеп, ќе произведува пластично моделирани делови за автомобили. Стартува како браунфилд инвестиција со закупување на некој од постојните погони во градот. На старт ќе се вработат околу 250 лица, а инвестицијата ќе биде тешка неколку милиони евра.

Во блиското соседство, пак, во битолската зона Жабени, веќе успешно работи, со над 2.000 вработени, германската компанија „Кромберг и Шуберт“, во која моментно се произведуваат кабли за автомобилската индустрија за возилата Мини Морис, Мерцедес, БМВ и Ауди.

Американската компанија КСС, која во Кичево инвестира 20 милиони евра, веќе работи на изградба на својата фабрика. Ќе отвори од 800 до 1.000 работни места, а Кичево ќе го претвори во град – производител на воздушни перничиња. Компанијата исто така произведува и појаси и електроника и има 34 фабрики во 12 земји. Во Македонија стартуваше со браунфилд инвестиција во Кичево, каде моментно работат 80-ина лица.

Интересно е што добавувачи на оваа компанија се „ОДВ Електрик“ и „Капкон“ кои исто така се решија да инвестираат во Македонија. Германската компанија „ОДВ Електрик“ минатиот месец почна да ја гради новата фабрика во слободната економска зона кај Струга. Инвестицијата се проценува на 15 милиони евра, а во новиот капацитет е предвидено да се вработат илјада работници. Оваа компанија веќе работи во погони во Охрид, каде што се одвиваше пробното производство.

„Капкон“ ќе инвестира во Бунарџик 18 милиони долари, со што ќе се отворат 400 работни места. Компанијата ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња за клиентите во Европа. Нивните долгорочни планови се во Македонија да отворат технички центар преку кој ќе ги опслужуваат клиентите и ќе им овозможат техничка поддршка.

Меѓу најавените инвестиции е и онаа на „Монтанте“ во Скопје, која ќе произведува амортизери и ќе вработи 400 луѓе. Германската компанија „Дрекселмајер“, веќе успешно работи во Кавадарци и континуирано го зголемува бројот на работници. Компанијата произведува модерни електрични системи, ексклузивен ентериер и централни електрични и електронски компоненти, за премиум сегментот во автомобилската индустрија.

Производите на некои од првите странски инвеститори во слободните зони во земјава, како „Џонсон Контролс“, „Џонсон Мети“, „Технохозе“, „Кемет“, исто така се применуваат во автомобилската индустрија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.