„Македонија без отпад“ денеска во сите општини

Денеска низ цела држава ќе се реализира национална акција за чистење на отпад како дел од проектот „Македонија без отпад“.

Акцијата ја спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање и Асоцијацијата за чиста животна средина „Ајде Македонија“, дел од проектот „Македонија без отпад 2014“.

Проектот ќе се спроведува со поддршка и со учество на државни институции, локални самоуправи, јавни и комунални претпријатија, невладини организации, здруженија на граѓани и месното население.

Министерот за животна средина и просторно планирање Нурхан Изаири упати апел до граѓаните за масовно приклучување во акцијата за чистење на отпадот лоциран на несоодветни места.

Централниот настан ќе се одржи во општина Карпош кај пешачкиот мост „Газела“. Вклучување во акцијата најавија повеќе општини, меѓу кои Кисела Вода, Ѓорче Петров, Гостивар….

Заинтересираните граѓани може да се информираат на веб страницата на „Ајде Македонија“ www.ajdemakedonija.mk или во општините.

Оние граѓани кои ќе забележат неовластено исфрлање и складирање отпад можат да се обратат на бесплатниот телефонски број за итни дојави 195 на Центарот за управување со кризи.