Македонија би можела да добие датум за почеток на преговорите без решение за името

Некои партнери во Европската унија, како Белгија, ја разгледуваат можноста на Македонија да и се даде датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ без претходно да се реши прашањето за името. Ова денеска го пишува грчкиот провладин весник „Катимерини“, коментирајќи дека се работи за „алармантни пораки од партнерите“ за Македонија, објави МИА.

„Загриженоста е особено голема, со оглед на извештајот на Европската комисија за напредокот на проширувањето, кој се очекува да биде објавен по 15 октомври. Извештајот се очекува да содржи препорака за започнување на пристапни преговори, како што е случај од 2009 година. Советот секој пат ја отфрла препораката“, пишува весникот.

Според „Катимерини“, ова е невидена ситуација за европските институционални односи и „предизвикува иницијативи и размислувања во врска со ќор-сокакот меѓу Комисијата и Советот“. Една таква иницијатива, тврди весникот, беше и посетата минатиот месец на делегација на политичките директори од министерствата за надворешни работи на земјите од Бенелукс на Скопје. По враќањето во Брисел, политичкиот директор во белгиското МНР ја контактирал грчката Амбасада во Брисел „за да ги испита намерите“.

Не пропуштајќи можност да ги обвини македонските власти, „Катимерини“ пишува дека на средбата во грчката Амбасада, Белгијците наводно им пренеле на грчките соговорници дека „немаат никакви илузии за тоа што всушност се случува во Скопје“ и оти ја „виделе бескомпромисноста за прашањето за името“.

„Сепак, тие не ја криеја својата загриженост за можноста Македонија да се стави под руска или турска сфера на влијание, ако ја загуби европска перспектива, и на грчките дипломати им покренале можност, доколку Комисијата ја повтори својата препорака по петти пат, да се сложат да ја одржат во живот европската перспектива на Македонија. Белгијците побрзаа да додадат дека во секој случај, нашата земја ќе може да го блокира влезот на ПЈРМ во ЕУ на крајот од процесот, ако не е решено прашањето за името“, информира провладиниот грчки весник.

Во суштина, иницијативата на Белгијците не е ништо поинаква од предлозите во последните две години на тогашниот еврокомесар за проширување Филе кој сака Македонија да почне преговори за членство, а разговорите за името паралелно да се водат во ОН, па дури и тврдеше дека така многу брзо ќе се најде решение, коментира „Катимерини“ и додава дека „покрај Австријците, сепак, предлогот немаше други поддржувачи“.

Грчки дипломатски кругови проценуваат дека развојот на ситуацијата е негативен со оглед на тоа што не можат да се придобијат други партнери во овој поглед, истовремено истакнувајќи и дека во рамките на ЕУ долго време постои значителна мобилност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.