Македонија четврти пат на Европско првенство во ракомет

Македонија четврти пат на Европско првенство во ракомет
Македонија четврти пат на Европско првенство во ракомет
Полска за првпат е домаќин на Европско првенство во ракомет, на кое машката ракометна репрезентација на Македонија ќе го запише своето четврто учество, пишува МИА.

Најдобриот успех Македонија го оствари пред четири години во Србија кога го освои петтото место. Пред две години во Данска, македонските ракометари се пласираа на 10.место, а на своето прво учество во 1998 година „црвено-жолтите“ беа на 12.место.

Шампионатот во Полска ќе се одржува во четири града, а Македонија своите натпревари во првата фаза ќе ги игра во „Таурон Арена“ во Краков.Покрај групата А каде ќе настапува Македонија ќе се играат натпревари и во Катовице (група Б), Вроцлав (група Ц) и Гдањск (група Д).

Во група А покрај Македонија ќе играат: домаќинот Полска, европскиот шампион Франција и Србија.

Б група: Хрватска, Исланд, Белорусија, Норвешка.

Ц група: Шпанија, Шведска, Германија, Словенија.

Д група: Данска, Унгарија, Русија и Црна Гора.

Трите првопласирани репрезентации од секоја група ќе продолжат во следната фаза од натпревари.

Во главната фаза ќе вкрстат групите А и Б и ќе ја формираат групата 1, а групите Ц и Д ќе ја формираат групата 2.

Двете првопласирани селекции од групте 1 и 2 ќе играат во полуфиналето, додека третопласираните тие групи ќе играат во натпреварот за 5.место, а четвртопласираните ќе играат во дуел за 7.место.

Според информациите изнесени од организаторот на денешната прес конференција за првиот ден салите во Краков, Вроцлав и Гдањск се распродадени, додека во Катовице повеќе од 90 проценти од влезниците за првиот ден се продадени.

Во првото коло Македонија утре на отворањето на првенството ќе игра против европскиот, светски и олимписки шампион Франција. Почетокот на дуелот е во 18 часот.