Македонија дава континуиран придонес во изградбата на концептот на европската одбрана

Достигнатиот степен на интероперативност на АРМ во однос на поддршката и изградбата на европската безбедносна и одбранбена политика и придонесот во изградбата на концептот на европската одбрана, како и утврдувањето на областите за идна соработка, беа тема на денешната средба во Скопје на началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески и претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Патрик де Русиер, пренесува МИА.

– Република Македонија дава исклучителен придонес во изградбата на концептот на европската одбрана. Учествуваме во Борбените групи на Унијата и заедно со Германија, Шпанија, Холандија и Белгија во втората половина од годинава сме партиципанти на Борбените групи кои се одговорни за изведување одредени мировни операции во Европа. Исто така, конкретен придонес даваме и со нашето учество во мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, изјави генерал Котески по средбата.

Тој посочи дека на средбата се согласиле во понатамошната работа на Воениот комитет на ЕУ учество да земат и началниците на земјите кои се уште не се кандидати за членство во Унијата, како и да учествуваат на вежби предводени од земјите-членки на ЕУ во третирањето на одредени поблеми на кризниот менаџмент во Европа.

– Очекувам оваа посета да даде импулс на нашата соработка со Европската унија, поголем придонес на АРМ, како и релевантно да биде оценет и прифатен од ЕУ досегашниот наш учинок, рече Котески.

Претседавачот на Воениот комитет на ЕУ, генерал Де Русиер рече дека на денешните и на утрешните средби со воениот и политичкиот врв ќе се разменат гледишта за тековната ситуација и иднината на, како што рече, конструктивното партнерство. Посочи дека Македонија активно учествува во регионалните иницијативи и во билатерални и регионални иницијативи во областа на одбранбената и безбедносната соработа кои имаат за цел градење на меѓусебна доверба.

– Вашиот воен персонал повеќе од осум години е заедно со нас во мисијата АЛТЕА, а обезбедува и придонес во Борбената група на Европската унија првично во втората половина од 2012 година и сега повторно во втората половина на годинава. Сето тоа ја истакнува солидарноста, односно сето она од што се состои Европската унија, а вашите вооружени сили придонесуваат кон оваа солидарност. Вашата земја конктинуирано дава придонес кон оваа цел преку градење партнерски односи и конкретна поддршка на напорите на ЕУ за одржување на регионалната стабилност и безбедност што ја докажува вашата посветеност на патот кон ЕУ, потенцира генерал Де Русиер.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.