Македонија дел од кампањата на ЕУ „ Биди активен “

И оваа година Македонија ќе биде дел од кампањата на Европската унија „ Биди активен “ со која се промовираат спортот и здравиот начин на живот.

Учесници во предвидените активности од кампањата „ Биди активен “ што ќе се одржат во понеделник и петок идната недела, ќе бидат учениците од основните и средните училишта, како и студентите, пренесува МИА.

Како што рекоа денеска на прес-конференција заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески, целта е помасовно вклучување на младите во спортските активности.

– Особено сме задоволни што Македонија, единствена од земјите во регионот кои не се членки на ЕУ, ќе биде дел од промотивната активност за одбележување на Европската недела на спортот, рече Ристовски, изразувајќи благодарност до Унијата за обезбедената поддршка.

Во рамки на кампањата, задутре, на плоштадот Филип Втори, од 18 до 19:30 часот ќе се одржи првата активност која се совпаѓа со т.н. Отворен ден на спортот или Саем на спортови кој Агенцијата за млади и спорт го спроведува во континуитет неколку години, додека во петок арената Филип Втори е резервирана за Денот на училишниот и универзитетскиот спорт.

На Саемот на спортови повеќето национални спортски федерации ќе имаат прилика да се промовираат, да ги претстават своите дисциплини и клубови, а на Денот на училишниот и универзитетскиот спорт ќе се одржат ревијални фудбалски натпревари при што главни учесници ќе бидат училишните спортски клубови, односно најдобрите ученици во голем фудбал од основните и средните училишта, како и студентите. Парарелно, на градскиот стадион во Скопје ќе се промовираат и повеќе атлетски дисциплини. Влезот за сите настани ќе биде слободен.

– Верувам дека сите граѓани овие два дена ќе имаат можност да се запознаат со спортовите кои кај нас имаат подолга традиција, како и со оние што се најпопуларни во Европа и во светот, но и дека ќе почнат да ги практикуваат, истакна Спасески, додавајќи дека е најважно младите да се занимаваат со спорт и спортски активности и еден ден некои од нив да станат професионални спортисти кои ќе ја претставуваат Македонија.